1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Иднината на Опел не била никогаш понеизвесна

Среде борба за преживување, Опел остана без шеф. Што ќе се случува натаму со германскиот автопроизводител е сосема неизвесно. Времињата се црни.

Карл-Фридрих Штраке даде оставка на функцијата Претседател на Управниот одбор на Опел и Претседател на Џенерал Моторс Европа, соопшти концернот вчера (12.07) без да наведе каква и да било причина за повлекувањето. Надзорниот одбор на Опел и експертите се зачудени, особено поради фактот дека наследник на Штраке допрва треба да се бара. Притоа Опел има насушна потреба од силно раководство, затоа што „водата му е до грло“. Промена на шефовите е традиција во Опел. Од времето на неговиот процут во 1970-тите, концернот ќерка на ЏМ има променето 15 шефови.

Контролното тело на Опел само пред две недели го одобри опширниот концепт за санација поднесен од Штраке. Околу спроведување на концептот се‘ уште се преговара. Планот предвидува големи инвестиции во нови модели, потесна соработка со францускиот автопроизводител ПСА Пежо Цитроен, кој исто така е во криза, како и заштеда во материјалните, развојните и производствените трошоци. Партнерот на ЏМ - ПСА, кој по Фолскваген е втор по големина автопроизводител во Европа, во меѓувреме најави дека покрај најавените 6 илјади, ќе скрати дополнително уште 8 илјади работни места. Причина е тешката криза во Европа.

Opel-Chef Stracke zurückgetreten

Карл-Фридрих Штраке си замина, кој доаѓа не се знае

Опел пак, во својот план за санација, даде гаранција за сите четири фабрики во Германија дека нема да има зтаворање до крајот на 2016 година.

„Карл-Фридрих Штраке работеше неуморно и под голем притисок за да го стабилизира работењето“, изјави шефот на ЏМ Ден Акерсон. Штраке пак, соопшти: „Ја напуштам позицијата со сознание дека Опел оди во добра иднина“.

Во Риселсхајм се вели дека планот за санација ќе биде спроведен, независно од персоналните промени. Зад спроведувањето стои концернот мајка Џенерал Моторс.

Санацијата не оди доволно брзо?

Symbolbild Opel GM

Џенерал Моторс сакаше пред неколку години да се ослободи од Опел

Надзорниот одбор, според зборовите на член на одборот, е „крајно изненаден“ од оставката. Зачуденост изразува и автомобилскиот експерт Кристоф Штирмер од ИХС Аутомотиве, кој оценува дека санацијата на Опел за Надзорниот одбор не одела доволно брзо.

Хесенскиот премиер Фолкер Буфие инсистира на тоа дека и новото раководство треба да се држи до договорите што се направени. При разговорот со Штраке што го водел во мај му било ветено дека фабриката во Риселсхајм ќе биде задржана во сегашната форма.

Загуби од милијарди

Opel GT

Опел ГТ од 1973 година - златните времиња од 1970-тите се одамна минато

Опел страда со години поради ваквиот цик-цак курс, а останатото го прави кризата во Европа. Уделот на пазарот на Опел континуирано паѓа веќе две децении. Последните бројки велат дека концернот има удел од 7 проценти. На почетокот на 1970-тите Опел имаше удел од околу 20 проценти, односно беше на исто рамниште со Фолксваген. Поради проблемите со квалитетот Опел во 1990-тите го загуби добриот глас на производител на сигурни автомобили.

Автопроизводителот има економски проблеми повеќе години. Само во првиот квартал ЏМ во бизнисот во Европа бележи загуба од 256 милиони долари. Во изминатите десет години загубата на Опел и сестринската марка Воксхол изнесува 14 милијарди долари. Пред неколку години ЏМ сакаше дури и да се ослободи од концернот ќерка, но по повеќемесечно повлечи-потегни Американците сепак одлучија поинаку и оттогаш се обидуваат самите да го санираат Опел. Сето тоа гарнирано со постојаните дебати околу можното затворање фабрики, придонесе Опел да добие имиџ на губитник.