1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Иднината на германскиот бискуп и натаму непозната

Папата Франциско денеска се сретна со германскиот бискуп кој предизвика скандал со неговото луксузно однесување и голема полемика во германската јавност. Одлука не е соопштена

Судбината на германскиот бискуп Франц Петер Тебарц фан Елст, кој предизвика бура во Германија со трошењето на десетици милиони евра за изградба на нова резиденција, останува нејасна по денешната аудиенција кај Папата Франциско.

Ватикан не соопшти детали од состанокот кој со нетрпение се очекуваше во германската јавност, и од кој требаше да произлезе одлуката дали Бискупот од Лимбург ќе остане и натаму на функцијата.

Минатата недела и првиот човек на германската католичка црква Роберт Цолич разговараше на оваа тема со папата, но и тој одби да го коментира случајот.

Изградбата на новата резиденција на Бискупот од Лимбург стана „случај“ во германските медиуми откако беше откриено дека за неа ќе бидат потрошени околу 40 милиони евра, или осумпати повеќе од првично планираните.

Бискупот од Лимбург во меѓувреме го доби прекарот „луксузниот бискуп“, а во медиумите постојано се објавуваат детали од неговите луксузни потфати, како на пример платените 15 илјади евра за уредувањето на неговиот приватен тоалет.

Во неделата, од неговата бискупија беше соопштено дека Тебарц фан Елст ќе ја препушти одлуката за неговата натамошна судбина во црквата на Папата Франциско.

„Враќањето во бискупијата во Лимбург ќе оди многу тешко. Целата ситуација стана толку измачувачка што ќе мора да се стори нешто“, порача деновиве Франц Јозеф Боде, бискуп на соседната диоцеза во Ознабрик. Боде смета дека бискупот од Лимбург нема да може да си ја извршува задачата покрај „таква криза на довербата во него“.