1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Идејата за водевување верски данок- проблематична

Анахронизам, бесмислена идеја со џамахириски шмек, проблематичен предлог што ќе ја загрози автономијата на верските заедници гласат реакциите на иницијативата за можно воведување на верски данок во Македонија.

default

Македонското знаме пред соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје

Македонската јавност е затекната од предлогот за воведување верски данок, иницијатива што ја промовираше претседателката на Комисијата за верски заедници Валентина Божиновска. Новината би можела да се реализира по неколку години ако кај граѓаните постои расположение за тоа, вели Божиновска. Но според првичните реакции што ги побара Дојче Веле граѓаните се најблаго речено збунети а интелектуалната јавност има сериозни забелешки за пробниот балон во врска со верскиот данок.

Мухиќ: Воведување данок е анахронизам

Универзитетскиот професор филозофот Ферид Мухиќ вели дека станува збор за промашен проект.

Skopje Catholic church

Католичката црква во Скопје

„Црквата нема основа да се експонира како “URBI et ORBI“. Таа не е небесна и земска власт. Оттука воведување на верски данок е потполно погрешно. На едно општество денес кое може да е атеистичко а особено како нашето кое е мултирелигиозно воведување данок е анахронизам што неможе да помине“, вели Мухич.

Мојановски: На верските заедници да им се помогне поинаку

Поранешниот шеф на Комисијата за односи со верските заедници, Цане Мојановски вели дека Македонија неможе да го имплементира скандинавското, ниту пак грчкото искуство во однос на постоењето верски данок. Идејата која според него е проблематична од две причини.

„Тоа ќе создаде претпоставки за губење на автономијата на верските субјекти и второ ќе се постави прашање како државата ќе го контролира начинот на трошење на средсвата од граѓаните кај овие субјекти. Треба да се размислува за други механизми за помош на верските заедници“, објаснува Мојановски.

Трендо: Животот на верниците е поскап

Skopje Mosque Isa Beg

Џамијата Иса Бег во Скопје

Против воведување на верска давачка е и колумнистот Сашо Мацановски Трендо. Во објаснувањето во негов стил, Трендо објаснува зошто не му се допаѓа идејата на Божиновска.

„Жими крст и кандило одамна некој предлог на нашата политичка сцена немал ваков џамахириски шмек. Незнам како е смислена но според мене оваа идеја е безбислена во сите варијанти. Дури и овој данок да го плаќаат само верниците ќе излезе дека животот им е поскап од останатите и оти веруваат во нешто луксузно. Друга работа што не ми е јасна. Што ако одбиеш да го платиш верскиот данок? Дали дома ќе ти упаднат извршители и ќе ти ги земат иконите или УЈП ќе ти го блокира пристапот кон молитвите. Јас искрено не сум сигурен дека постои Господ но ако постои сигурен сум дека повеќе би сакал да ни влезе во душите отколку да ни брцне во џеповите.“

Во интервју за весникот “Вест“, Божиновска изјави дека народот сам треба да процени колку им се потребни верските даноци и што ќе добие од истите.

„ Без разлика на која религија и припаѓаат, народот мора сам да процени дали сака да плаќа верски данок, дали ослободувањето од давачки за венчавка, погреб и крштевка ќе биде доволно за граѓаните да се согласат да издвојуваат процент од своите приходи. Треба да седнат министерствата за финансии и труд и социјала, Управата за јавни приходи и Комисијата и да се направи една анализа и база на податоци за воведување ваква давачка" , вели во интервјуто Божиновска.

Претседателката на Комисијата за односи со верските заедници смета дека секуларниот карактер на државата не треба да претставува проблем за воведување на ваков данок но дека треба да има расположение кај народот за тоа. Според неа ќе поминат минимум две години пред да почне сериозно да се работи на воведување на ваков данок.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Симе Недевски