1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Играчки вредни илјадници евра

Претприемачот Селим Варол од Диселдорф има збирка од околу 15 илјади фигури, една третина се т.н. дизајнерски играчки. Нивната поединечна цена е и до пет илјади евра. Селим ги собира од дванаесетгодишна возраст

„Секако дека се работи за повеќе фантазија, која ја доживувате кога сте опкружени со толку играчки, кога играте со нив. Затоа играчките се важни за луѓето, играњето со играчки за мене до денес игра голема улога во животот“.

Неговата продавницата со име „Тоикио“ се наоѓа во Диселдорф. Таа е мешавина од продавница, кафетерија и галерија. Со неа 39-годишниот Варел од своето хоби направил дополнителен бизнис. Тој инаку со својот татко и со братот има телекомуникациска фирма. Селим Варол прави избор кои играчки од збирката ќе влезат во сортиментот на „Тоикио“.

„Мора да биде нешто ново. Нешто, што досега го немало во збирката. И самата нејзина големина е исто предизвик. Слично е и со продавницата. Јас се обидувам фигурите кои и самиот ги сакам, да бидат доминантни во продавницата, да бидат присутни. Но, се разбира, тука се и играчки кои се интересни за широките маси, кои се повеќе комерцијални“.

Соодветно на името, „Тоикио“ се наоѓа во т.н. Нипонкиц, азискиот кварт во Диселдорф. Јапонскиот главен град Токио важи за центар на дизајнерските играчки, тука доаѓаат бројни дизајнерите за да црпат инспириција. Селим ги открил играчките при посета на Токио во 1999-та година.

„Тоа е дел од мојот живот, значи, дел од мене. Делумно, тука се моите идоли. Тие раскажуваат приказна за мојот живот, за моите пријатели, за односите со уметниците. Значи, мојата збирка всушност ме претставува повторно мене самиот“.

Повеќе од една третина од сите Германци собираат играчки, најчесто од сопственото детство. Психологот Флоријан Блументал ги знае причините.

„Можеби затоа што човек сака едноставно повторно да оживее дел од своето детство. Да пренесе дел од своето детство во светот на возрасните и притоа вистински да чувствува задоволство. Некои играчки се филигрански, убаво изработени, на што луѓето се радуваат и во тоа откриваат и лична страст“.

Околу три илјади од збирката играчки на Селим Варол моментно се изложени во Берлин. Некои претставуваат реални или пак фиктивни ликови, пред се‘ карактери од филмови, стрипови. Најстарите потекнуваат од детството на Селим.

„Овде го имам Бетмен, кој беше мој прв суперхерој. Знам дури и како дојде до оштетувањето на брадата. Тој во времето ми беше постојан придружник. До денешен ден, тој секогаш добива почесно место. Се разбира, и во моето срце тој ужива специјално место“.

Колекционер и на уметнички дела

Селим, Турчин по потекло, не собира само играчки, туку и уметнички дела. Една од неговите омилени фигури вреди околу осум илјади евра. Пластично мече во стил на Шанел. Најскапоценото парче е слика од Шепард Фереј во форма на голема банкнота. Вредноста на ова дело е околу 320 илјади евра.

„Со толку голема инвестиција расте и статусот во рамките на одредена група. Значи, можеби меѓу сите колекционери на играчки да се биде оној кој има најголема и најскапа збирка. Можеби може да се каже и дека на овој начин да се биде нешто посебно, токму преку колекцијата на играчки. Но, исто така да се биде подготвен и за инвестирање многу пари во збирката“, ги објаснува поривите психологот Блументал.

За Селим Варол собирањето меѓутоа не е само контакт со фигури и уметност. Околу него се врти голем дел од неговиот живот.

„Она што спаѓа во тоа се секако пријателствата склучени преку собирањето. Не само со уметниците кои ги дизајнираат предметите, туку и со останатите колекционери или пак со луѓето кои имаат врска со продавницата. Се‘ до мојата свршеничка, која јас ја запознав токму прекус собирањето, преку уметноста. А за мене најважното што претстои е свадбата на 07.07“.

На свеченоста ќе има специјални гости. Зашто, фигурите на Селим Варол не се само за да стојат во витрини, туку и за да се игра со нив.