1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Играме за аплауз!

Статистиката е безмислосна и со години наназад регистрира пад на гледаноста на претставите во професионалните театри во Македонија. Во потрагата по излез од кризата експертите сугерираат промена во моделот на менаџирање.

default

Сцена од театарската претстава „Играме за аплауз“ на Аматерското театарско студио од Тетово

Во професионалните театри во Македонија е забележано за 5,3 отсто намалување на бројот на претставите во периодот 2009 -2010 година наспрема 2008 -2009 година, додека бројот на посетители опаднал за 6 проценти – информираше Државниот завод за статистика. Кај аматерските театри ситуацијата е обратна: бројот на одржани претстави е зголемен за 50 проценти, а вкупниот број на посетители за 64 отсто.

Криза на менаџментот во професионалните театри

Јелена Лужина, професорка по театрологија на Факултетот за драмски уметности на Државниот универзитет во Скопје, коментира:

Volkstheater Bitola

Сцена од претставата „Калеш Анѓа дефинитивно“ на Народниот театар Битола

„Секому му е повеќе од јасно дека постои криза во македонскиот театар и оти е таа евидентна и голема. Дефинитивно, таа не е кадровска, не е криза на режијата, ниту на актерството и драматургијата. Имаме сјајни писатели, повеќе од сјајни актери, имаме добри режисери. Тоа е криза на менаџментот, зборувам за криза на моделот на театарската организација, за еден старомоден модел, според кој се‘ уште се организирани нашите театарски институции, не само во Скопје.Тоа е преживеан модел, кој не функционира повеќе. Денес насекаде во светот театарот функционира како отворена институција. Сите театри во Македонија се драматично затворени во себе, се занимаваат со производство на 3 – 4 претстави и со ништо друго.“

Таа предупредува:

„Тоа е здодевно и непродуктивно, тоа не е провокативно и никого не го интересира повеќе. Театарот мора да го отвори, да го ’разурне’ постојниот модел, во кој функционира, и да тргне од почеток. Онака како што тргнале, безмалку, сите западно – европски институции во последниве 20 – тина години. Во тој домен ништо не е сменето и се размислува на еден ретрограден и застарен начин. Тука се во предност, можеби, аматерите, кои размислуваат априори поинаку, затоа што се и априори слободни, нелимитирани од никакви канони и оти се подготвени да прават што ќе им текне. Во тоа е и убавината на нивното занимавање со театарот, тие се вљубеници во она што го работат. Овие другиве се професионалци, но професионалци кои не можат никогаш да ја исполнат својата автентична страст кон професијата“.

Volkstheater Bitola

Ансанблот на театарот од Битола

Управување по европски терк

Уметничкиот директор на Македонскиот народен театар во Скопје Дејан Пројковски смета дека споменатите статистички податоци за професионалните театри не се индикатори од посуштинско значење:

„Професионалниот Драмски театар во Скопје имаше во ноември лани околу 8800 гледачи, што е рекорд во последниве десеттина години. Македонскиот народен театар во декември истата година имаше продадено 8 илјади и 818 билети, што не се случило одамна со години. Треба да се лоцираат точно проблемите во секоја поодделна театарска институција, ако ги има.“

Тој го споделува ставот на Лужина околу театарскиот менаџмент:

„Апсолутно се согласувам со тоа дека на македонскиот театар му недостасува подобро менаџирање. Во тој поглед има уште многу нешта, кои треба да ги направи македонскиот театар, бидејќи тој заостанува наспрема европското менаџирање во театарот. Како нов тим кој е само два месеца во МНТ, ние сме дојдени точно со таа идеја да се воспостави современо управување според теркот на европските институции.“

Во МНТ во 28 денови од февруари- 28 претстави

Но, и делумно реплицира со неа:

Amateur Theater Studio Tetovo

Проба на аматерското театарско студио Тетово

„Сите го правиме театарот за да го гледаат публиката и народот. Овој месец МНТ во 28 – те денови игра 28 претстави, така што не знам колку треба тој да биде поотворен како театар. Основната функција и одговорност на МНТ се да биде чувар и негувател на јазикот и на македонскиот идентитет, на македонската драма, односно, литература. Со еден збор, на македонската култура. Значи, треба да се создаваат дела, кои ќе имаат општествена одговорност. Ние, како државни театри, треба да им се спротивставиме понекогаш на кичот и шундот и на се она што претставува опасност за македонската култура.“

Валентин Светозарев, директор на професионалниот Народен театар во Битола, се осврнува на дел од проблемите, со кои се судираат професионалните театри во земјата:

„Во последниве години, особено годинава, е направен обид професионалните театри да се доопремат кадровски: многуте места во нив, празни со години, оваа година успеавме да ги пополниме. Од тој аспект имаме солидна инфраструктура за создавање драмски дела. Но, техничко – технолошката опременост на македонските театри е далеку од задоволителна и е зад она што им стои на располагање на театрите во Европа и во светот.“

Драмското аматерско студио на Центарот за култура во Тетово ја отвори пред неколку дена својата сезона на настапи во 2011 – та година со комедијата со симболичко – метафорички наслов „Играме за аплауз“.

Еден од поискусните актери од овој аматерски ансамбл Глигорие Стојановски го изнесува своето мислење за аматеризмот на „штиците што живот значат“:

Од дома носиме и клинци за сцената, само да биде успешна претставата

„Ние играме за аплауз, чисто сме ентузијасти, честопати даваме од себе, од својот џеп, за да играме. Сами правиме сцена, сами правиме сценографија, од дома носиме клинци и милион други ситници, кои се потребни за да биде успешна една претстава. Ние сме вистински ’театарски манијаци.’“

Неговиот колега и режисер на споменатата претстава Игор Бачовски се надоврзува:

„Нашата среќа е кога ќе ги видиме оние среќни луѓе, кои ракоплескаат десеттина минути по завршувањето на претставата, пред да се спушти завесата.Театарот треба да се доближи до народот, а во суштина аматерските трупи тоа и го прават.“

Професорката Лужина заклучува:

„Сепак, чинам дека македонскиот театар лека – полека влегува во фазата на својата катарза, која ќе треба да ја помине, да ја доживее и да ја преживее. Гледам добри знаци во фактот што во неколку важни театри, не само во Скопје, една нова генерација на театарџии ја презеде одговорноста за она што се случува во нив. Сега сме на еден чекор до правењето сериозен ’клик’ во главата, во смисла на менувањето на моделот на театарот и мислам дека ситуацијата воопшто не е толку црна, како што ја прикажуваат статистичките податоци.“

Се’ на се’, професионалниот и аматерскиот театар во Македонија се домени на уметничкото творештво, во кои се потребни поголеми струења на европските концепции и уметнички вредности.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Жана Ацеска