1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ивон: Македонија може за рекордно време да ги заврши преговорите со ЕУ

Преговорите на Македонија за членство во ЕУ ќе бидат повеќе спринт отколку маратон, и поради тоа треба да се искористи пристапниот дијалог на високо ниво, порача британскиот амбасадор Кристофер Ивон.

Ивон смета дека, доколку главните задачи бидат завршени во текот на пристапниот дијалог, Македонија за рекордно време ќе ги заврши пристапните преговори штом тие почнат.

„Овој дијалог на високо ниво и’ нуди вистинска можност на Македонија во нејзиниот напредок кон ЕУ. Обединетото Кралство сака да ги види преговорите отворени. Немаме никаков приговор кон тоа, меѓутоа сe додека не дојде датумот кога Советот заеднички ќе донесе одлука, сметам дека овој дијалог на високо ниво дава можности за реформи на значаен начин, бидејќи доколку тие се случат, кога ќе почнат преговорите брзината на патувањето на Македонија ќе урива рекорди - ќе биде повеќе спринт, отколку маратон“, рече британскиот амбасадор Ивон.

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски смета дека членството во ЕУ не е решение за сите проблеми. Тој во обраќањето на конференцијрата „Проширувањето соочено со новите предизвици во ЕУ“ како пример за тоа ја посочи Грција. Попоски подвлече дека ЕУ денес се соочува со најголемиот предизвик од основањето, но според него проширувањата секогаш се случувале во време на најголеми кризи. Попоски со самокритичност призна дека одговорноста за приближувањето до ЕУ е на македонска страна.

NO FLASH Nikola Poposki

Попоски: топката е на наша страна

„Топката е на нашиот дел од теренот. Ние треба да ги истрчаме потребните километри за прво да придонесеме во мировниот проект на ЕУ и второ да ги адресираме предизвиците на начин како што тоа се прави во земјите членки на ЕУ. Силни сигнали испраќа фактот што и покрај кризата во Унијата проширувањето полека, но сигурно се одвива. Македонија, пак, е единствен пример од аспект на специфичната блокада која ни е наметната, а која не соодветствува на духот на заедничките вредности на Унијата. Таа околност не смее да доминира на главната агенда“, рече Попоски.

За Дејвид Кален, шеф на Одделот за Република Македонија при Директоратот за проширување на Европската комисија, проширувањето останува  стратешки интерес за Унијата. Порача дека кризата нема никакво влијание врз проширувањето, туку тоа во најголема мера зависи од сработената домашна задача на земјите-аспиранти.

„И покрај предизвиците, сепак, процесот на проширување не е обесхрабрен. Моментумот може да се задржи ако се има вистински напредок, благодарение на напорите на земјите на Западниот Балкан. Со поддршка на Европската унија, регионот е поблиску до Европа“, рече Кален.