1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ИВЗ го осуди петкратното убиство

Исламската верска заедница го осуди убиството на петтемина кај Смиљковското езеро, изрази сочуство до нивните семејства, ги поддржа напорите да се најдат виновниците и побара да одговараат согласно законот.

default

ИВЗ смета дека убиството врз еден човек е убиство врз целото човештво

ИВЗ во исто време побара да не се осудуваат однапред или етикетираат осомничените за убиството како радикални исламисти, без да биде завршена судската постапка.

„Оној кој ќе убие еден човек без причина во суштина го убил севкупното човештво, и од овој принцип ИВЗ на РМ во согласност со куранското учење го осудува убиството на петте граѓани на Република Македонија и истовремено го изразува своето сочувство до семејствата на починатите, делејќи ја нивната жал и болка“, рече портпаролот на ИВЗ Дритон Дикена.

Според него, потребно е да преовлада разумот, правдата и правичноста, бидејќи Македонија како повеќеетничка и повеќеконфесионална заедница минува низ чувствителни моменти.

ИВЗ смета дека тоа што неколку лица, дел од приведената група, јавно биле прогласени дека се радикални исламисти, без преку судска постапка да се докаже нивниот статус, претставува делување надвор од законот на државата. За Исламската верска заедница пронајдените примероци на Куранот и верска литература не може да биде доказ против приведените.

Mazedonische Innenministerin Gordana Jankuloska

Јанкулоска вели дека нема нови информации за лицата кои се бараат со потерница

Во меѓувреме, истрагата во акцијата „Монструм“ е проширена. Хаки Хазири е шестоосомничен за кривичното дело „тероризам“ и му е одреден 30-дневен притвор. Оваа информација ја потврдуваат и од Основниот суд Скопје 1.

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска изјави дека во последните 24 часа полицијата нема нови приведувања во врска со петкратното убиство кај Смилковското езеро, ниту нови информации за двајцата осомничени за тероризам, по кои е распишана меѓународна потерница.

Од МВР објаснуваат дека ова не е ново приведување во акцијата „Монструм“. Хаки Хазири бил опфатен со посебниот извештај што беше поднесен против десеттемина уапсени во акцијата „Монструм“ - лица за кои полицијата немаше доволно докази и на кои што им беше одреден 48-часовен притвор. Полицијата во меѓувреме нашла нови докази против него за кривичното дело „тероризам“, поради што му е одреден 30-дневен притвор.

Покрај него, за тероризам се осомничени уште пет лица кои директно се поврзуваат со масакрот кај Смиљковци. Тројца од нив се во притвор, а двајца се во бегство, најверојатно на Косово. По нив трага и Интерпол.