1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Иванов ќе го дадел мандатот најдоцна до среда?

Додека СДСМ чека да го добие мандатот од Иванов, се множат повици „за одбрана на Македонија“. Последната е испратена од граѓанска иницијатива која повика на протест пред Владата, попладнево во 17 часот.

Претседателот Иванов наводно ветил дека мандатот за состав на нова влада ќе го даде утре или задутре, велат извори од СДСМ, откако лидерот Зоран Заев денеска и официјално ги достави потписите кај шефот на државата како доказ дека има парламентарна поддршка од 67 пратеници.

Ова е голем историски ден за Република Македонија, рече Заев пред да ги предаде потписите.

„Во рака држам 67 потписи на пратеници од македонското Собрание, кои гарантираат можност за нова Влада за граѓаните на Македонија. Истовремено, овие потписи овозможуваат да заврши кризата во Република Македонија и конечно државата да се придвижи напред. Очекувам господинот Иванов да го врачи мандатот во најбрзо можно време, за да може да отпочнеме преговори за создавање и формирање нова влада. Истовремено ја користам можноста да испратам порака до сите граѓани, но и до институциите на државата, дека следува мирен и брз трансфер на власта во Република Македонија“, изјави лидерот на СДСМ.

Гледај видео 00:43

Изјава на Заев пред средбата со Иванов

Дали Хан се меша?

И додека официјален Брисел очекува институционални и демократски чекори за состав на влада, од ВМРО-ДПМНЕ и натаму стигнуваат пораки дека СДСМ треба да ја отфрли декларацијата на албанските партии и „да не ја продава државата“.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, преку Фејсбук му се обрати на еврокомесарот Јоханес Хан и побара одговор кое мнозинство е поголемо.

„Господине Хан, пред само десет дена во Скопје јавно кажавте дека нема да се мешате, а сега објавувате на Твитер дека претседателот Иванов треба да го даде мандатот на овој или оној. Дали тоа не е мешање? Кога веќе решивте на Претседателот на Република Македонија, избран од граѓаните, да му кажувате што да прави околу мандатот, добро е и да кажете што мислите за предлогот наместо 67, идната Влада да има поддршка од 100, но без редефинирање на државата, без двојазичност на целата територија, без бинационалност, а со зачувување на унитарноста, името и македонскиот идентитет? Велевте дека треба поширока поддршка на Владата, еве ја. Ако еднаш го прекршивте ветувањето дека нема да се мешате, повелете и втор пат, одговорете“, пишува Димовски.

Повик за нов протест

На социјалните мрежи веќе неколку дена се води жестока дебата против „продажбата на Македонија“, во која без аргументи и факти се лицитира со наводни отстапки поради кои Македонија ќе се редефинира како држава. Таквите шпекулации произведуваат нови иницијативи „за одбрана“ на земјата, меѓу кои последната е „Граѓанската иницијатива за заедничка Македонија“.

„Македонија има три Илиндени - 1903, 1944 и 1991 година. Дојде време да го обзнаниме четвртиот Илинден“, порачааа од инцијативата и ги повика граѓаните на мирен протест денеска пред Владата во 17 часот.

„Бараме ниту една политичка партија во Македонија да не ја потхранува и уважува дискриминаторската политика на одредени земји. Бараме ниту една политичка партија да не прифаќа платформи создадени за туѓи интереси, во туѓи држави, без изборен легитимитет чија цел е разнебитување на Македонија каква што ја знаеме. Бараме од сите наши политички партии да го почитуваат Уставот на Република Македонија и да се обврзат дека нема да работат на промена на името и суштината на нашата држава“, изјавија иницијаторите на прес-конференција.

Во меѓувреме, обвинувањата од социјалните мрежи се префлрија и на терен. Со навредливи графити на ѕидовите осамнаа домовите на пратениците на СДСМ, Петре Шилегов од Скопје, Васко Ковачевски од Битола, Јован Митревски од Струга и Максим Димитриевски од Куманово.

„Васко Ковачевски, спремен си да ја продадеш Македонија?“.., „Петре Шилегов, дали твоите деца гласаат за двојазичност?“.., „Јован предавник, гробар на Македонија“, се дел од пораките испишани пред нивните домови.

Аудио и видео прилози на оваа тема

Поврзана содржина