1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Иванов тешко го навреди Берлин

Таква груба реторика на македонски претседател досега не е забележана во историјата на македонската дипломатија, велат домашни дипломати, по обвинувањата од претседателот кон германската амбасадорка во Македонија

Македонски амбасадори со кои разговараше ДВ, се фрапирани од речникот на претседателот Иванов, со кој во интервју на ТВ „Нова“ тој ја искритикува германската амбасадорка во Македонија, Кристине Алтхаузер.Вчерашната изјава на германското Министерство за надворешни работи, дека „е добро што претседателот Иванов попушти и престана да го блокира формирањето на новата влада, но оваа одлука требаше одамна да се случи и конечно го рефлектира исходот од изборите во декември 2016 во земјата“, Иванов ја оцени како резултат на лажни вести што ги шири германската амбасадорка.

„Такво соопштение да даде германското МНР, кажува дека нивниот амбасадор тука се служи со лажни вести. И не е првпат. И за бегалската криза имавме иста ситуација, па канцеларката Меркел мораше јавно да се извинува во Брисел, кога имавме за бегалската криза (средба? - н.з), за неточни податоци кои ги давала нивната амбасада тука. Па еве апел до Германија: По еден Ханс Лотар Штефан, кој беше амбасадор на Германија, и кој ја напиша најбрилијантната студија за Македонија во последниве децении, вакво ниво на дипломати да ни праќате - е навреда!“, ѝ порача Иванов на Германија.

Потоа уште еднаш ја повика Германија „да размисли кои дипломати ги праќа во Македонија, затоа што е недозволиво на лажни информации да се темели соопштението што го дава германското МНР“.

Како порано да се даде мандатот? Да го кршам Уставот? Како да биде изведено ова што денес (17.05 - н.з) го изведовме? Со насилство? Секој пат користам прилика кога се среќавам со претседатели на тие земји, за да им укажувам на некои пропусти или за тоа што го сториле нивните амбасадори и ги довеле во заблуда за некои прашања“, рече Иванов.  

Дипломатски скандал

Нано Ружин, поранешен амбасадор на РМ во НАТО во Брисел, потсетува дека според Конвенцијата од Виена (18.04.1961) „амбасадорот на една држава го претставува претседателот на државата во странство“, односно според класичната дипломатија, „амбасадорот го претставува својот суверен кај друг суверен“. Привилегиите што ги користи амбасадорот, согласно таа Ковенција, всушност не се однесуваат на неговата личност, туку на неговата држава.

„Во демократските системи амбасадорот не ја претставува само личноста на својот државник туку и сопствената држава, во нејзиното единство и диверзификација. Овие обврски му наметнуваат на секој амбасадор да контактира со поголем број луѓе, да одржува регуларни односи и со власта и со опозицијата, да толкува, понекогаш да дава објаснувања, дури и да трпи критики. Но, кога тие критики доаѓаат од највисокиот државен субјект, како што е председателот Иванов, со употреба на недипломатски и варварски речник, тоа асоцира на член 9 од Виенската Конвенција. Според овој член, и со оглед на непредвидливоста на Иванов, тој може да ја прогласи германската амбасадорка Алтхаузер за persona non grata“ вели Ружин.

Според него, речникот што Иванов го употребил кон германската амбасадорка „не е само дипломатски скандал со негативни последици за односите меѓу Германија и Македонија, туку и навреда кон најмоќната сила на ЕУ и кон канцеларката Меркел“.

„Познато е дека лидерството на ЕУ во Западен Балкан се ефектуира преку лидерството на Германија, еден од најголемите економски и финансиски партнери на РМ. Но, Иванов како да немал кочница во тоа интервју. Таква груба реторика на македонски претседател досега не е забележана во историјата на македонската дипломатија. Се добива впечаток како човекот да е влезен во некој сопствен филм на митоманија: 'Ова се мои пет минути на историската слава и тврдокорност, јас сум последниот бранител на Македонија, мене ќе ме слават генерациите како современ Цар Самуил, Сандански или Карев...'. Дефинитивно човекот верува во надреалистички претстави за сопствената личност“, оценува Ружин.

И амбасадорот Мухамед Халили е изненаден од ваквиот настап на Иванов.

„Амбасадорите пред да стапат на функција треба да добијат агреман (одобрение, согласност-н.з.) од земјата домаќин. Ако Иванов знаел дека германската амбасадорка не е достојна да ја претставува Германија во нашата земја, зошто се согласиле да ѝ дадат агреман? Штом дале, значи дека таа била прифатлива за нас. Ако амбасадорката потоа ја прекршила Виенската Конвенција, може да се покрене постапка да ја напушти земјата, да биде прогласена за persona non grata, а не Иванов за тоа да дава интервјуа по телевизии“, вели Халили.

Mazedonien | Neuer Parlamentspräsident kann Amt nicht antreten | Parlamentspräsident Talat Xhaferi (picture-alliance/AA/B. Ademi)

За Иванов, спикерот Талат Џафери е провокатор

Талат е провокатор

Но, германската амбасадорка не беше единствената кон која претседателот Иванов искажа серија навреди. Втората адреса беше претседателот на Собранието. На прашањето дали е легитимен изборот на Талат Џафери, тој одговори: „Можам да кажам дека беше несреќен избор. Но тоа што е објавено во 'Службен весник' морам да го почитувам“.

Како легитимно го оцени правото на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија да го оспори тој избор, со очекување „да видиме како институциите ќе го оценат“. Притоа напомена: ДУИ имала многу поквалитетни кадри од Џафери.

„Талат Џафери го познавам како министер за одбрана и си имав многу проблеми. Човек провокатор. Провоцира. Човек со таков карактер создава многу негативна атмосфера. Сметам дека неговиот избор е провокација и ќе создава многу провокации“, потенцираше Иванов.

Притоа изрази и чувство на „лична вина“, бидејќи своевремено му бил едукатор на новиот собраниски претседател.  

„Сум учествувал во едукација на Талат Џафери преку Фондацијата 'Фридрих Еберт'. Ги обучував пратениците од тој состав на парламентот. Може ќе се сети Џафери на сите тие предавања и обуки - како треба човек да се однесува во политиката! И првото негово писмо до мене беше чиста провокација, па морав да му го враќам, за да се научи дека тој е втор човек во државата“, обелодени Иванов.

На прашањето што го испровоцирало во писмото од Џафери, Иванов рече:

„Да не ги отвораме тие теми пред јавноста. Ако сакав да му наштетам, ќе го објавев тоа писмо во јавноста, за да му ги покажам сите провокации, пропусти и грешки на првиот негов документ“.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери вчера одби да ги коментира ваквите изјави на Иванов.

„Со индигнација одбивам да се спуштам на презентираното 'едуцирано' ниво со кое Иванов изнесувал вакви ...“, рече Џафери, заменувајќи ја со „три точки“ употребата на зборови кои не би биле соодветни ни за личното, ни за нивото на функцијата што ја извршува.      

 

Mazedonien Erstürmung des Parlaments (picture-alliance/dpa/B. Grdanoski)

Иванов „препорачува“ амнестија за насилниците во парламентот

 

Амнестија од парламентот

Иванов вчера го привлече вниманието и со прашањето за амнестија на учесниците во насилствата од 27-ми април, кое тие го очекуваат токму од него. Но, тој топката ја префрли во парламентот.

„Во 2001 година имавме воен конфликт, па најдовме начин на помирување. Ако новите пратеници сакаат да покажат акт на добра волја и помирување, нека го направат тоа што беше направено по конфликтот во 2001 година. Ако можеле воени злосторници да се амнестираат, зошто да не им се помогне на луѓе кои ги завела толпа или луѓе кои учествувале во нешто што е повеќе израз на емоции“, рече Иванов.

Во јавноста на серија критики наиде изедначувањето на двата „вида“ акти, но и обидите по вторпат (по 24.12.2014) да се релативизира насилството во парламентот.

„По заминувањето на Груевски, тој е последниот 'пастир' на кого му се одушевуваа излажаните и насилниците. Затоа нервозно реагира кога некој амбасадор или медиум ги критикува неговите  антиуставни изговори за недавањето на мандатот. Патем, слично на средновековниот српски цар Лазар, ќе настојува да го спаси народот кој се жртвуваше за неговата кауза,  преку аболиција. Иванов живее во среден век!“, заклучува Ружин.

 

 

DW.COM