1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Иванов: Темелните вредности на ЕУ погазени во случајот на Македонија

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов во обраѓањето на средбата на балканските лидери во Брдо кај Крањ порача дека Македонија нема план Б кога станува збор за зачленувањето во ЕУ.

Камен темелникот на Европската унија е воедно и нејзин камен на сопнување. Унијата се темели на почитувањето на човековите права, владеењето на правото и еднакви принципи кон сите. Овие темелни вредности се погазени во случајот на Македонија. Веќе четири години членките на ЕУ се солидаризираат со членка која од нас го бара незамисливото – погазување на човековите права, правото на самоидентификација, на човечко достоинство.

Ова денеска во Брдо кај Крањ го истакна претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на пленарната сесија на состанокот на лидерите од Брдо процесот, неформална иницијатива за соработка меѓу земјите од регионот во однос на аспирациите за членство во евро-атлантските организации,.

„Од нас се бара да дојдеме до заемно прифатливо решение со Грција за надминување на прашањето околу името. Грција ги одбива нашите иницијативи за директни средби. Го одбија и последниот предлог од премиерот Груевски. Одговорот од Атина е дека нема потреба од средба бидејќи Грција не е таа што ја блокира Македонија, туку Унијата. Очекувам да слушнам дали е вистина дека Унијата не‘ блокира или пак, е тоа Грција“, нагласи Иванов пред учесниците на состанокот.

Тој посочи дека веќе четири години бара од многу лидери да побараат од Грција да се придржува до рамката во која се водат разговорите, а тоа се резолуциите на Советот за безбедност 817 и 845, Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата, и додаде дека неговите напори не вродиле со плод.

Тој ги запраша присутните на состанокот дали би биле подготвени да направат компромиси какви што направи Република Македонија, и дали некој може да каже дека Македонија е бескомпромисна?

„Ние немаме план Б. Единствено што не знам е дали ЕУ има план Б. Но, имале или не, на нас е ние самите да ја создаваме Европската унија во Македонија, да работиме напорно на исполнувањето на стандардите и критериумите, самите да ја создаваме европската агенда и да го правиме скринингот. Кога датумот ќе дојде, ние ќе бидеме подготвени. Ние ќе продолжиме со реформите за доброто на нашите граѓани“, додаде претседателот Иванов.

На средбата, иницирана од претседателите на Словенија и на Хрватска, Борут Пахор и Иво Јосиповиќ, присуствуваат претседателот на Франија, Франсоа Оланд, како и претседателите на Албанија, Косово, Црна Гора, Србија, Бујар Нишани, Атифете Јахјага, Филип Вујановиќ, Томислав Николиќ, како и на членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ, Небојша Радмановиќ и Бакир Изетбеговиќ.

Пред одржувањето на пленарната сесија, Иванов имаше билатерална средба со Оланд.