1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Иванов: Нема таен договор со Грција за името

Македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов ги демантира гласините за наводно постоење договор со Грција за решавање на спорот за името, што ќе се обелoденел по изборите. Тој очекува динамизирање на преговорите по изборите.

default

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов

Македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов денеска ги демантира гласините кои се појавија во јавноста за наводно постоење некаков договор со Грција за решавање на спорот за името, што ќе се обелoденел по изборите. Тој очекува динамизирање на преговорите по изборите.

„Мислам дека тоа беше демантирано и од министерот за надворешни работи Милошовски. Тоа не е вистина и претставува шпекулација, штетна за нашата позиција во преговарачкиот процес, која сепак, останува во рамките на Организацијата на Обединетите нации.

Gjorge Ivanov Ivanov und griechischer Ministerpräsident Jorgos Papandreou

Од средбаата Иванов - Папандреу во сепември 2010

Ние очекуваме во тој процес да се дојде до заемно прифатливо решение. Би апелирал и до нашите политички субјекти и до јавноста да не се впуштаат во таквите шпекулации. Ние сме цврсто определени: кај што е почнат процесот, таму да се најде и решението – во рамките на Обединетите нации.“

Запрашан дали по изборите очекува заеднички став на партиите за забрзување на решавањето на прашањето околу името, со оглед дека досега немаше политички дијалог меѓу партиите, претседателот Иванов истакна:

„Мислам дека постои еден неформален национален консензус околу тоа што е наш приоритет во овој процес, кој е во рамки на Обединетите нации: кој и да е на власт, секогаш настојува да опстојува на она што претставува интерес на граѓаните на Македонија - да не се навлегува во идентитетските прашања и да си остане преговарачкиот процес на она како што си е во Резолуцијата 817. Таму се вели дека треба да се разговара во врска со разликите околу името. Така што, се надевам дека по изборите ќе има динамизирање на овој процес и оти посредникот Нимиц, веројатно, ќе се сретне со претставниците на Македонија и на Грција.“

Русија е докажан пријател на Македонија

Deutschland NATO Außenministertreffen in Berlin Russland Verteidigungsminister Sergej Lawrow

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров утре престојува во Охрид

На новинарското прашање: дали спроти утрешното доаѓање на рускиот министер за надворешни работи Лавров во Скопје се очекува Русија, како земја која меѓу првите ја призна Македонија под уставното име, да придонесе кон решавањето на спорот со Грција, Ѓорѓе Иванов одговори:

„Господинот Лавров доаѓа по повод 150-годишнината од отворањето на првиот руски конзулат во Македонија. Ова е можност да се сретнеме со него и да размениме мислења. Русија е членка на Советот за безбедност на Организацијата на Обединетите нации и таа влијае кога ќе дојде моментот да се донесе одлука. Русија не призна под уставното име и секогаш го користи тоа име во сите билатерални односи, кои ги имаме и секогаш кога водиме разговори. За Русија никогаш не било спорно нашето уставно име. Така што, се надевам дека ќе добиеме информации за нивните ставови што ги имаат во однос на процесот што се одвива во Обединетите нации.“

Околу изборната кампања на партиите, кои веќе стартуваа со остра реторика, Иванов нагласи:

„Вообичаено е да се загрева атмосферата пред изборите и затоа би апелирал на една би ја нарекол 'јавна пристојност' од политичките партии, затоа што сепак, кога ќе поминат изборите, ќе треба да се видиме со ’другата страна’, со другата партија. Сепак, живееме на еден простор каде што ќе треба да се почитуваме едни со други. Секогаш реториката пред изборите добива на жестина. По 20 години во демократија мора да ја научиме политичката игра и да користиме термини и изрази, кои не ги навредуваат другите. Затоа апелирам на таа политичка пристојност, јавна пристојност, за да не го загадуваме јавниот простор со реторика која не им доликува на луѓе, кои се определиле да ги искажат своите проекции и визии пред граѓаните, со цел да ја добијат нивната доверба.“

Автор: Свето Тоевски

Редактор:Жана Ацеска

Поврзана содржина