1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Иванов: И по Рамковниот договор, во чекалната на ЕУ

Десет години по конфликтната 2001 година во Македонија, во Охрид со дводневна конференција се одбележува годишнината од неговото потпишување.

default

Дел од учесниците на Конференцијата во Охрид

Конференцијата која воедно има и предзнак на прослава собра во Охрид редица политичари пред се‘ од албанскиот блок во Македонија и низа меѓународни политичари кои во годините по вооружениот судир имаа улога на посредници и олеснувачи на процесот, давајќи и‘ поддршка на земјата во спроведувањето на договореното.

„Кога се потсетуваме на вакви моменти, не треба само да го потенцираме тоа што сме го добиле. Тоа е неспорно, го добивме мирот и многу други работи. Треба да се потсетуваме и на тоа што сме го изгубиле. Многу родители ги изгубија своите деца, но и многу деца ги изгубија своите родители. Некои ги изгубија своите домови, некои своите пријатели, своите соседи. Некои ги изгубија своите идеали, а некои своите идоли. Некои се‘уште ги бараат коските на своите најблиски. Имаат право да знаат каде се и што се случи со киднапираните цивили. И јас лично го барам овој одговор, рече претседедателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на отворањето на конференцијата.

Овој дел од нашата понова историја навистина се‘ уште е трауматичен и болен. Болен затоа што раните на душата, за разлика од раните на телото, никогаш не зарастуваат, додаде Иванов.

Mazedonien Präsident Gorgi Ivanov

Ѓорге Иванов

Помалите етнички заедници бараат Рамковниот да важи и за нив

Во секоја демократија, правата подразбираат и обврски. Ако некоја заедница бара почитување на нејзините права на државно ниво, тогаш таа заедница има обврска да им ги овозможи истите права и на другите заедници во општините каде таа е мнозинска. Само така се гради довербата и заедничкиот живот.Оваа констатација сите изминати десет години можеше и може да се слушне меѓу политичарите, но и меѓу граѓаните.

„Сепак, неоспорно е дека постои генерална оцена кај припадниците на помалите етнички заедници, дека тие се несоодветно застапени. Имајќи го предвид интегрирачкиот карактер на одредбите, одговорот не треба да се бара во нови рамковни договори за секоја заедница поодделно, бидејќи одредбите од Уставот и законите се однесуваат на сите заедници во Република Македонија, рече претседателот Иванов .

Го спроведовме Рамковниот и пак сме во чекална за НАТО и ЕУ

Во Македонија општа е оценката дека изминатите години, исполнувајќи го сето она што произлезе од Рамковниот договор, земјата ги исполни и критериумите за членство во НАТО и подготвено чека за отпочнување на преговорите со Европската унија.

„Сега, кога тие исполнети, граѓаните со право очекуваат вреднување на спроведеното. Но наместо Македонија да биде наградена, се‘ повеќе се чини дека е казнета,заклучи претседатлот Иванов.

Меѓународниот фактор и тогаш и сега со поддршка за договорот

„Во изминатите 10 години некој Охридскиот рамковен договор го дефинираше како меѓународна мировна спогодба, како компромис за прекинување на конфликтот. Но, едно е сигурно, тоа е спогодба за иднина на Република Македонија, спогодба која кажа ’не’ за поделбите и ’да’ за толеранцијата, соживотот и интеграција на сите етнички заедници.

Konferenz 10 Jahre Ohrider Rahmenvertrag

Договор во интерес на сите граѓани, кој имаше голема пооддршка кај меѓународните фактори кои го овозможија и се потпишаа како гарант, а нивното присуство и денеска тука во Охрид го потврдува тоа“, рече во своето обраќање вице – премиерот Муса Џафери задолжен во Владата за спроведување на Рамковниот договор .

За Џафери Охридскиот договор е здрав темел врз кој се изгради нов здрав политичко општествен систем. Кога скептиците на двете страни предвидуваа дека овој процес ќе пропадне, ние стававме камен по камен и го градевме. Не беше лесно, тие чекори некогаш негирани денес се гледа дека биле во вистински правец, рече Џафери:

„Најголем предзивик беше Законоит за територијална поделба, но политичките лидери и граѓаните покажаа демократски капацитет и го спроведоа тој закон. Се донесе Закон за знамиња, за јазик, се формира Комитет за односи помеѓу заедниците кој има главна улога за носење на големи одлуки и се бори против мајоризација во општеството“, потенцираше вице – премиерот Муса Џафери.

Странците тука, домаќините преполовени

Никој од потписниците на Рамковниот денеска не беше присутен на почетокот од Конференцијата, го немаше ниту лидерот на опозицијата Бранко Црвенкоски, иако тој го најави своето доаѓање. Во Охрид остана празно и местото за премиерот Никола Груевски. За разлика од нив во Охрид се олеснувачите на Охридскиот договор Џемјс Пердју и Ален Лероа, донеодамнешниот амбасадор на САД во РМ, Филеп Рикер, сега во улога на заменик - државен потсекретар и други. Во рамките на конференцијата ќе биде прикажан и кусиот документарен филм за Рамковниот договор и неговата примена, а ќе биде промовирана и една поширока анализа која Секретаријатот за спроведување на Рамковниот, кој е и организатор на конференцијата ја изработи заедно со Штуловиот универзитет чие публикување се чека до крајот на годинава.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM