1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Иванов и Папандреу си помуабетија

Јорго и Ѓорге не успеаја да ја смират ламјата наречена спор за името. Изнудената од македонска страна средба меѓу двајцата државници не донесе решение, а уште помалку надеж за брзо решавање на спорот.

default

Њујоршките средби не донесоа ништо

Да се зголеми позитивната енергија меѓу граѓаните на двете земји и да се работи на подготовка на народот за евентуално решение - се двете теми за кои македонскиот претседател Ѓорге Иванов и грчкиот премиер Јоргос Папандреу изразиле заедничко разбирање. Папандреу бил изненаден од фактот што над 1000 македонски студенти студираат на универзитет Шефилд во Солун. За него тоа е тренд кој мора да продолжи во иднина, при што предлага во престојниот период двете страни да не прават врева околу името.

За Иванов спорна е реториката со која најблискиот соработник на Папандреу, министерот за надворешни работи Димитрис Друцас ги „потпалувал страстите“. Запрете со црвените линии затоа што и ние имаме исти такви, побарал шефот на македонската држава, за кого официјално барање за промена на уставот значи и крај на надежта дека решение ќе се најде.

Gjorge Ivanov Ivanov und griechischer Ministerpräsident Jorgos Papandreou

Папандреу предлага во престојниот период двете страни да не прават врева околу името

Папандреу на средбата повторил дека не се откажува од агендата 2014 кога сите балкански земји, со Македонија, треба да влезат во ЕУ, но не кажал како тоа ќе се случи со вакви релации меќу двете земји кои се можеби најкритични од ембаргото во деведесетите.

Крах на њујоршките матинеа

Предходните јавни изјави и брифинзи на Друцас, за кого Грција никогаш нема да се откаже од едно гегорафско име за сите употреби кое нема да содржи додавка во заграда, само го најавија крахот на долгоочекуваните септемвриски матинеа во Њујорк. Недоаѓањето на македонскиот премиер во Њујорк, иако од многумина оценето како несериозен потег, не можеше да го промени исходот на њујоршките средби на Нимиц и неговите грчко- македонски пријатели.

За дел од дипломатите од поранешните југословенски републики, присутни во Њујорк, барањето средба од страна на Иванов е едно од подобрите решенија на македонската дипломатија во последниве години. Пападреу беше ставен во пат ситуација, откако Друцас предходно го обвини Груевски дека не сака средба со неговиот шеф. Но, оваа пирова победа, сепак нема да ги промени работите - Грција ќе се занимава со своите

Gjorge Ivanov Ivanov und griechischer Ministerpräsident Jorgos Papandreou

Запрете со црвените линии затоа што и ние имаме исти такви, побарал Иванов

локални проблеми и избори, а на Македонија ќе и‘ остане само можноста да лобира и да го чека исходот на тужбата пред меѓународниот суд во Хаг.

Градење доверба на полчасовни состаноци не е доволно

Очигледно е дека кога Нимиц, пред четири дена, де факто се повлече од медијаторската позиција и топката ја префрли на лидерите на двете земји, не мислел на двоецот Папандреу-Иванов. По вчерашната средба на која немало суштинска анализа на можните решенија, јасно е дека премиерите на Грција и Македонија, со или без американска помош, се тие кои што допрва, покрај градењето доверба со полчасовни состаноци, ќе мораат и директно да побараат излез од ќорсокакот, наместо да дебатираат за своите семејства, економската криза и проблемите во своите партии. Во спротивно, Македонија на среден рок ќе остане надвор од НАТО и ЕУ, што дополнително би ги отежнале ионака кревките состојби во економијата и меѓуетничките односи. За Грција, која од Вол Стрит Џурнал пред три дена доби етикета на лажго и уценувач, спорот за името ќе остане на маргините, освен ако не влезе во пакет со некои од големите грчки проблеми, како односите со Турција, иднината на Кипар или прашањето - дали Москва или Вашингтон ќе добијат поголемо влијание во Атина.

Автор: Горан Момировски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM