1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Иванов и Нишани се за дијалог

Сите спорни и отворени прашања во регионот треба да се решаваат преку дијалог и меѓусебно почитување, констатирале македонскиот и албанскиот претседател Ѓорге Иванов и Бујар Нишани на нивната прва средба во Охрид.

default

„Унапредувањето на билатералната и интензивирањето на регионалната соработка, треба да бидат алатки со кои ќе се афирмира новата реалност во регионот, наспроти перцепциите востановени во минатото“, нагласил претседателот Иванов на средбата.

„Тоа значи негување на добрососедски односи, соработка и заемна поддршка во евроатлантските интеграциски процеси и јакнење на сферите на соработка од кои конкретна полза ќе имаат граѓаните на сите земји во регионот“, рекол Иванов.

Македонскиот и албанскиот претседател се заложиле за натамошна соработка и поддршка и на мултилатерален план.

Во фокусот на разговорите меѓу претседателот Иванов и претседателот Нишани беа досегашните билатерални односи и областите во кои постои неискористен потенцијал за зајакнување на соработката.

Заемна констатација е дека политичките односи меѓу двете земји се на ниво кое овозможува целокупната енергија и капацитети во иднина да бидат фокусирани на развојот на економската соработка, инфраструктурното и енергетското поврзување, прекуграничната соработка, развој на туризмот, соработка во борбата против организираниот криминал, во сферата на културата и заштитата на културното наследство, како и во сферата на заштита на животната средина.

Претседателот Иванов ја потврдил заложбата на Македонија за продолжување и натамошно развивање на добрососедските односи по пат на отворен дијалог.

Во однос на заедничката стратешка цел - членство во Европската унија, двајцата претседатели се согласиле дека евроинтеграцијата на државите од Западен Балкан е од суштинско значење за регионалната стабилност и развој, и ја потврдија заемната поддршка на овој план. Во таа насока беше разменето мислење за реформите кои двете држави ги спроведуваат, како и за очекувањата во претстојниот период. Претседателот Иванов изрази благодарност за досегашната поддршка за членството на Македонија во НАТО, како и очекување истата да продолжи и во иднина.