1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов за „Билд“: Никој не нѐ сака!

Б. Георгиевски/билд11 март 2016

Жестоки критики од македонскиот претседател Ѓорге Иванов кон ЕУ и особено кон Германија поради бегалската криза, но и поради блокадата на македонските евроатлантски интеграции. „Никој не нѐ сака“, вели Иванов.

https://p.dw.com/p/1IBVL
Фотографија: Screenshot Bild.de

Во интервју за најтиражниот германски весник „Билд“, македонскиот претседател Ѓорге Иванов вели дека неговата земја е „предадена и напуштена“. „Никој не нѐ сака“, вели „лутиот“ претседател, како што го нарекуваат новинарите кои го воделе интервјуто, и жестоко ги критикува и ЕУ и Германија.

На прашањето, дали Македонија се чувствува излажано од ЕУ поради тоа што Турција ќе добие 6 милијарди евра и визна либерализација, а неговата земја ништо и покрај тоа што ја врши „валканата работа“, Иванов вели:

„Ова не е првпат Македонија да биде напуштена од ЕУ, веќе сме го преживеале тоа! Кога за време на косовската криза примивме 360 илјади бегалци, никој не ни помогна. Затоа сега реагиравме проактивно - нашата армија ја штити границата. Во овој случај, за бегалската криза веќе плаќаме за грешките на ЕУ, веќе потрошивме 25 милиони евра пари на нашите даночни обврзници, и прогласивме кризна состојба. А што добивме од Европа? Ништо! Ниту еден цент! А сега уште мораме како земја која не е членка на ЕУ, да ја штитиме Европа од членка на ЕУ, имено Грција“, вели Иванов.

„Ние не сме ништо!“

„Значи вие не сте членка на Шенген, но ги штитите границите?“, гласи следното прашање на кое Иванов одговара:

Screenshot Bild Interview mit dem Präsidenten Gorge Ivanov
„Лутиот“ претседател вели дека неговата земја е „предадена и напуштена“Фотографија: Screenshot Bild.de

„Да ние не сме ништо, не сме членка на ЕУ, ни во Шенген, ниту во НАТО. Никој не нѐ сака. И покрај тоа, ние ја штитиме Европа од една европска земја, која недоволно ги контролира бегалците, односно едноставно ги праќа понатаму. Безбедноста е целосно запоставена во безбедносната криза. Доколку се потпиравме на Брисел и не реагиравме самите, одамна ќе бевме преплавени со џихадисти“, објаснува Иванов.

Притоа, тој на новинарите им презентирал дел од запленетите лажни документи на бегалците и мигрантите кои минувале низ Македонија, а кои севкупно достигнувале 9 илјади. „Некои т.н. бегалци патуваат со лажен идентитет низ цела Европа, а Грција само им става печат за да продолжат натаму“.

Критиката на Иванов кон Германија се однесува токму на безбедносниот аспект на проблемот:

„Во бегалската криза има хуманитарен аспект и безбедносен аспект. Во однос на хуманоста Германија многу добро се постави, но во однос на безбедноста Германија целосно потфрли. Еден пример: сакавме со Европа, со Германија да ги размениме нашите податоци за овие осомничени џихадисти. Но, никој не ги сакаше нашите податоци. Тие ни рекоа: не можеме да соработуваме со вас, вие сте трета земја, не смееме да разменуваме податоци“, обвинува Иванов. Германија, вели натаму македонскиот претседател, го одбила дури и барањето за опрема за биометриска контрола на податоците.

За разлика од Турција која седи на масата заедно со ЕУ и преговара околу бегалската криза, Македонија е оставена на страна, забележува новинарот на Билд, на што Иванов одговара дека за жал Македонија „е дел од менито“.
„Отсекогаш сме биле жртва на институциите на ЕУ. 25 години нѐ лажат и нѐ манипулираат. Седумпати требаше да почнеме преговори со ЕУ, но секогаш се случуваше блокада, од страна на Грција. Никој во ЕУ не може да излезе на крај со Грците, но ние треба овој конфликт со таа земја самите да го решиме“.

Griechenland Flüchtlinge an der Grenze zu Mazedonien bei Idomeni
Грција зема пари од ЕУ, а не прави ништо за бегалците, вели ИвановФотографија: Reuters/S. Nenov

Грција добива пари, а не прави ништо

Понатаму, Иванов ја критикува ЕУ и поради односот кон бегалската криза, и вели дека е песимист оти ќе се најде излез од проблемот.

„Гледаме дека Европа не функционира во кризни ситуации. На Брисел му е потребно премногу време за носење одлуки, и затоа некои земји на балканската рута, како нашата, мораа самите да се снаоѓаат. Но европскиот кризен менаџмент не функционира. Во иднина уште повеќе земји ќе одлучуваат суверено. Дури и канцеларката Меркел најави крај на вашата улога како спасител на Европа и со своите одлуки ѝ наметна на Европа единствен правец. Сега тие сакаат да го решат тоа со Турција. Останува да се види дали ќе биде така. Скептичен сум.“.

Грција добива пари од ЕУ, но не прави ништо за да помогне во бегалската криза, одговара Иванов на прашањето: што ќе се случува во Грција, доколку Македонија ја затвори границата?

„Тоа прашајте ги Грците! Сега ќе добијат уште 700 милиони евра од ЕУ, тие добиваат сѐ што сакаат. Проблемот е само што со тие пари не прават ништо! Зошто нема 'жешки точки' и кампови? Можам да разберам дека на Европа ѝ е сеедно. Но нема да дозволам сега уште да бидеме прогласувани за виновни за грешките на други! ЕУ веќе не смее да ја обвинува Македонија. Ние водиме сметка за себе“.

На крајот на разговорот, Иванов признава дека е многу лут на ЕУ.

„Што би сториле вие, кога на вашата земја 25 години сите патишта би ѝ биле затворени, кога ве манипулираат и лажат? И покрај безбројните позитивни извештаи нема никакво напредок во ЕУ-перспективата. 25 години сме заглавени во лифт“, заклучува Иванов.