1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Иванов: Европа да ја докаже доследноста преку датум за Македонија

Со овозможувањето Македонија да започне пристапни преговори за членство, ЕУ ќе го оправда својот кредибилитет, рече претседателот Иванов на третиот годишен состанок на Центарот за глобален дијалог и соработка во Виена.

Македонскиот претседател потенцираше дека доследноста во проширувањето ќе ѝ помогне на Унијата да остане конкурентна на светската сцена, пренесува МИА.

„Декемврискиот Европски совет веројатно ќе го има предвид она што се случи со Украина. Советот ќе има шанса потемелно да се посвети на Балканот. Потребна ни е забрзана интеграција, на сите земји од регионот“, изјави Иванов, додавајќи дека ЕУ треба да направи внатрешни реформи на своите механизми, за да може успешно да се справува со кризи.

„Унијата, посветена на проширувањето и на реформата на механизмите, треба да биде отворена кон она што претставува природен дел од поширокиот и заеднички простор. Тоа најдобро ќе се постигне преку јакнење на економската поврзаност“, изјави Иванов.

Говорејќи за позиционирањето на Евроазија на глобалната сцена, една од клучните теми на состанокот, Иванов порача дека треба да се размислува надвор од шаблоните на евро и азиоцентризмот. За ова е потребен домино ефект, но не на нестабилност како што вообичаено сме навикнати, туку на меѓусебна поддршка и соработка, и антагонизмот мора да се замени со синергија.

„Сметам дека е доволно да се фокусираме на синергијата за надминување на глобалната криза, синергија што ја прави нераскинлива врската меѓу културната коегзистенција и економската меѓузависност“, потенцира Иванов.

На состанокот на кој се обрати Иванов, учествуваат експерти и политичари, поранешни шефови на држави, меѓу кои и на САД Бил Клинтон, а се обрати и поранешниот генерален секретар на НАТО, Весли Кларк.

Иванов, кој е во работна посета на Австрија, во вторникот имаше средба со австрискиот претседател Хајнц Фишер, кој порача дека Македонија треба да ги почне преговорите за членство во ЕУ.