1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Иванов: Добрососедските односи се двонасочна улица

Македонија над Грција извојува голема правна и морална победа со пресудата на Меѓународниот суд во Хаг, а создадени се услови за ефектуирање на пресудата, порача претседателот Иванов во годишното обраќање во Собранието.

Денеска пред пратениците во Собранието на Република Македонија шефот на државата го сумираше сработеното за изминатава година, но и во неговиот мандат:

„Во 2009 година, во моментот кога ја преземав должноста претседател, на надворешнополитички план, Република Македонија сe‘ уште закрепнуваше од неправдата од Букурешт. Оптимизмот со кој го очекувавме нашето заслужено членство во НАТО се претвори во огромно разочарување. Но, за неполни пет години работите се сменија, затоа што не потклекнавме и не прифативме непринципиелни ултиматуми. Имавме голема правна и морална победа со пресудата на Меѓународниот суд од Хаг“, порача Иванов, потенцирајќи дека целиот негов мандат бил проследен со позитивни извештаи од Европската комисија за напредокот на Македонија.

Во однос на тужбата кон Грција, Иванов потенцира дека Македонија не посакувала ваков чекор, но била приморана да го направи.

„Како сосед ние не посакувавме да ја тужиме Атина во Хаг, но бевме принудени на таков чекор. Како сосед, ние не посакуваме да се обратиме до Советот за безбедност на Обединетите нации, творецот на резолуциите во чии рамки се води процесот, и да бараме спроведување на пресудата и нејзино безусловно почитување. Но, како и по Букурешт и сега немаме друг избор. Непочитувањето на меѓународно преземените обврски ја доведува во прашање кредибилноста на официјална Атина во спорот што ни го наметна. Имаме и право и основа да се сомневаме во нивната подготвеност да ги почитуваат договорите. Само почитувањето на правните механизми може да ни помогне да ја изградиме довербата“, потенцира Иванов.

Пресудата на Меѓународниот суд, Атина може да ја игнорираат, но не може да ја негира, смета претседателот, додавајќи дека таа е тука, и чека да биде испочитувана но не може да чека до бескрај.

„Создадени се услови да се побара од генералниот секретар на Обединетите нации, во согласност со неговите надлежности, да поднесе извештај до Советот за безбедност на Обединетите нации за состојбата во која се наоѓаат разговорите што ги води медијаторот Нимиц. Создадени се услови да се побара од Советот за безбедност ефектуирање на пресудата на Меѓународниот суд на правдата“, истакна Иванов.

Во поглед на добрососедските односи, Иванов рече оти Македонија сака дух на пријателство и добрососедство со сите свои соседи.

„Постојано тврдам дека добрососедските односи се двонасочна улица и дека најмногу зависат од земјите во регионот. Уверен сум дека недоразбирањата пред кои се најдоа билатералните односи со Република Бугарија се состојба што ќе биде надмината. Сакаме да ги градиме и да ги развиваме односите во духот на пријателството и добрососедството“, вели македонскиот претседател.

Европската унија нема да биде комплетна без Македонија, а земјата останува посветена на европската политика, додаде Иванов.

Дененешното обраќање на Иванов беше негово последно во рамките на овој претседателски мандат.

Македонија над Грција извојува голема правна и морална победа со пресудата на Меѓународниот суд во Хаг, а сега се создадени услови за ефектуирање на оваа пресуда, порача претседателот Ѓорге Иванов во годишното обраќање во Собранието, на кое се осврна и на целиот свој мандат.

„Ова е мое последно годишно обраќање во мандатот. Мандат кој го започнав со траумите од Букурешкиот самит и последиците од светска финансиска криза. Наспроти пречките и блокадите, во изминативе години нашата меѓународна позиција зајакнува. Стекнуваме сe‘ повеќе партнери, пријатели и поддржувачи во Европската унија, во НАТО, во светот. Како претседател го изразував државното единство и достојно ја претставував Република Македонија на меѓународната политичка сцена. Имав добра и конструктивна соработка со Собранието, со Владата, со сите ресори на извршната, законодавната и судската власт“, истакна Иванов во своето обраќање.

Тој потенцираше дека за изминативе пет години негова најголема заложба било одржувањето на мирот и стабилноста во земјата, заложба за која, како што рече Иванов, е докажана и пред мировните сили од светот. Како доказ за издржаноста во овие заложби е и тоа што за прв пат во мандатот на еден претседател на Република Македонија немаше потреба да се повика Советот за безбедност, а тоа јасно зборува дека системот за национална безбедност функционира, додаде претседателот на Македонија.

„Највисок приоритет во текот на мандатот ми беше одржување на мирот, стабилноста и безбедноста на државата. Во мандатот ги дефиниравме стратегиските насоки и планови за развојот и за функционирањето на системот за одбрана. Со тоа овозможуваме Армијата на Република Македонија да продолжи да ги исполнува нашите врвни стратегиски определби. Нашата армија ги добива највисоките оценки за својата борбена способност, почитувана е и во државата и во странство. Таа е целосно оператибилна со членките на НАТО и е подготвена за учество во колективната самоодбрана на Алијансата. Со дури 14 успешно завршени акциони планови за членство во НАТО, симболично станавме рекордер, како единствена земја која сe‘ уште чека за прием и троши ресурси за одржување на својата подготвеност“, истакна Иванов.

Во однос на економските случувања во изминативе пет години кога светот, но и земјата западнаа во тешка финансиска криза, во услови на спор развој на економијата сепак државата успеа да отвори големи економски можности, да го отвори патот за странски инвестиции, но и за македонските производители на странските пазари.

„Успеавме да ја внесеме Македонија во планот за гасоводот ’Јужен тек’. Од енергетски изолирана и зависна, Македонија станува енергетски поврзана и меѓузависна. Со тоа ќе ја обезбедиме енергетската иднина на Македонија. Ја вклучивме Република Македонија во иницијативата на Народна Република Кина за потесна соработка на економски план со земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа. Како резултат на тоа, Македонија доби поволна можност за развивање на патната инфраструктура“, додаде претседателот.

Со успешно спроведени предвремени парламентарни и локални избори, Република Македонија покажа дека е функционална демократија. Со тоа се исполнија напорите во спроведување на идејата за развој на демократијата и поддржување на сите иницијативи што ја приближуваат државата до нејзината суштина - интересот на македонскиот граѓанин, што беше еден од најважните стремежи во овој петгодишен претседателски мандат на Иванов.

„За време на мандатот ја одбележавме 10-годишнината од Охридскиот рамковен договор, кој стана дел и од Уставот на Република Македонија. Договор чие остварување беше позитивно оценето. Сепак, институции и процедури произлезени од него треба да ја исполнуваат својата функција. Посебно ме загрижуваат појавите на меѓуетничка нетрпеливост кај младите. Секоја генерација е одговорна да го негува и да го пренесува македонскиот модел на соживот. Секоја генерација е должна младите да ги образува со традицијата на македонскиот соживот, традиција од која извира и нашиот демократски систем“, рече Иванов и додаде дека прифаќањето и почитувањето на различностите, Македонија ја направија препознатлива како мост на поврзување и преплетување на религиите и цивилизациите.

Македонија е синоним за мајка на многу чеда, кои иако се различни, сепак се нејзини. Македонија нe‘ обврзува да ја градиме како татковина посветена кон успешните, солидарна кон сиромашните, грижлива кон помалку среќните, благодарна кон заслужните. Раните од транзицијата сe‘ уште не се целосно излечени, потенцира Иванов.

Тој, како што рече, во целиот мандат особено внимание посветил на младите, како и на создавање иднина за младите, но и млади за иднината.

„И покрај предизвиците и блокадите, истрајавме на нашата политика. И ќе истраеме. Што е наше, ќе си дојде. Дотогаш да продолжиме да ја градиме Македонија во височина, со највисоки вредности, стандарди и критериуми. Да продолжиме да ја градиме Македонија како напредна, економски и демократски развиена држава. Да ја градиме Македонија како дом на сите нејзини чеда, на сите нејзини граѓани. Да ја градиме победнички, низ успехот, онака како што заслужува“ истакна Иванов во завршните зборови од своето обраќање, додавајќи дека никогаш не смее да се заборави оти татковината за Македонците е најголема историска победа.

Поврзана содржина