1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Иванов во Париз го промовираше дијалогот на цивилизациите

Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов во Париз ја отвори изложбата посветена на делото на отоманскиот патеписец Евлија Челебија. Иванов имаше средба и со Генералната директорка на УНЕСКО, Ирина Бокова.

default

Изложба „Евлија Челебија – отомански патник“

Изложбата „Евлија Челебија – отомански патник“ организирана во Институтот на Арапскиот свет во Париз, заедно со УНЕСКО и Националниот Институт за ориенатални јазици и култури-ИНАЛКО, ја отвори претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов. 2011 година имено се навршуваат 400 години од раѓањето на Евлија Челебија (1611-1684), славниот отомански патеписец и е прогласена за негова година. Македонскиот претседател идната година ќе биде покровител на манифестацијата посветена на Евлија Челебија во Македонската академија на науките и уметностите.

„Верувам дека само со дијалог луѓето повторно ќе го откријат богатството на различностите, на културната размена и на соработката. Токму културната и религиската разновидност на Република Македонија претставува извор на голем креативен потенцијал и мост кон заемното разбирање, почит и соживот“, нагласи Иванов при отворањето на изложбата.

Georgi Stardelov, Präsident der Mazedonischen Akademie für Wissenschaft und Kunst

Претседателот на МАНУ Георги Старделов

Веднаш потоа, претседателот на МАНУ Георги Старделов со професорот Бекир Карлига го потпишаа протоколот на Алијансата на цивилизациите во која се посветува големо значење на дијалогот меѓу цивилизациите, со кој официјално идната година МАНУ ќе биде домаќин на научниот симпозиум и изложбата посветена на Евлија Челебија.

Претседателот на МАНУ, на симпозимот организиран во Францускиот национален институтот за ориентални јазици и култури, каде се изучува Македонскиот јазик, култура и историја веќе неколку децении, накратко се осврна на значењето на сведоштвата кои Челебија ги остави за македонските градови.

Охридскиот процес на дијалог на цивилизациите

Патувањето во Париз македонскиот претседател го искористи и за средба со Генералната директорка на УНЕСКО, Ирина Бокова. Посебно, откако Македонија беше избрана за член во највисокиот орган на УНЕСКО - Извршниот одбор.

Шефот на државата потсети дека УНЕСКО го поддржа проектот „Дијалог на цивилизациите“ што почна на иницијатива на покојниот претседател Борис

Ausstellung Schriftsteller Evlija Celebija in Paris

Македонскиот претседател Иванов и директорката на УНЕСКО Бокова

Трајковски во 2003 година во Охрид и додаде дека тој ги дава очекуваните резултати.

„Тој таканаречен ’Охридски процес’ придонесе лидерите од Источна Европа да се среќаваат и да организираат дебати за прашања кои се од заеднички интерес за целиот регион, од сферата на културата, уметноста, традицијата. За тоа разговаравме и со генералната директорка на УНЕСКО Ирина Бокова. Има момент кога треба да преминеме во една повисока квалитативна фаза, да придонесеме таа комуникација која е поддржана од УНЕСКО и од Советот на Европа на некој начин да се зголеми и да придонесе за она што го оставаме за идните поколенија“, изјави македонскиот претседател по средбата со Бокова.

Иванов и Бокова се зaдржаа и на Самитот кој во 2013 година ќе треба да се одржи во Македонија за дијалогот на цивилизациите. На кој се очекува да се премине во реализација на конкретни регионални проекти со конкретни акции и се очекува фокусот да се стави врз подготвка и едукација на млади лидери во секоја сфера од општственото живеење од ЈИЕ.

Саркози презафатен со кризата за да го прими Иванов

Претседателот Иванов во Париз немаше средби со претставници на француската држава со што продолжува „традицијата“ на ретки средби на високо ниво меѓу двете држави. Според наши извори, шансите тој да се сретне денеска со претседателот Никола Саркози се минимални. Според истите извори, Саркози е презафатен со евро кризата и ако примеше еден од претседателите на земјите кандидати од Балканот, тогаш ќе требаше да го направи истото и за другите пред самитот на ЕУ во Брисел, кога сите очекуваат важни одлуки.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска