1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Ибраими апелира да престанат навредите од трибините

Македонскиот фудбалски репрезентативец ги повика навивачите да престанат да го навредуваат него и неговите соиграчи етнички Албанци на мечевите на националната селекција. Се бара реакција и од ФФМ.

Навредите од трибините на сметка на македонските фудбалски репрезентативци кои се етнички Албанци им пречат на Агим Ибраими и на Мухамед Демири. Тие преку македонскиот печат апелираат до навивачите да престанат навредите, зашто ним не им е место ниту на фудбалските терени, а уште помалку на средбите на репрезентацијата.

Натпреварот против Данска за Агим Ибраими беше четвртиот по ред на кој постигнува погодок за репрезентацијата, но головите и игрите кои ги презентира во репрезентативниот дрес и натаму на негова адреса носат навреди од дел од навивачите.

Најдобриот македонски фудбалер за 2012 година, за весникот „Лајм“, изјавил дека го болат навредите од трибините.

„Ги слушам навредите и секако дека не се пријатни. Тоа на натпреварите не може да ни донесе ништо добро, поради тоа што сите ние играме за Македонија. Не треба да се делиме по етничка основа. Добро е што внатре во репрезентацијата владее одлична атмосфера“, вели фудбалерот на Марибор.

Ибраими апелира, во интерес на репрезентацијата, да престанат навредите по етничка линија.

„Таквите скандирања, сепак, нема да ме поколебаат во дресот на репрезентацијата да се однесувам максимално професионално“, изјавил Ибраими.

Слично размислува и неговиот репрезентативен колега Мухамед Демири, кој потенцира дека можеби и Фудбалската федерација на Македонија ќе треба да се позанимава со овој проблем.