1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Зрак надеж за климата од Канкун

По двонеделни преговори, учесниците на Самитот за климата на ОН во Канкун постигнаа единство за одделни чекори во борбата против затоплувањето на Земјата. Организациите за екологија ги поздравија заклучоците.

default

Конечно договор по макотрпни преговори за климата

Делегатите денеска договорија формирање Зелен фонд до 2020 година во износ од 100 милијарди долари годишно, кој на сиромашните земји треба да им помогне да се справат со промените на климата. Учесниците се изјаснија за продолжување на Протоколот од Кјото, чија важност истекува во 2012 година. Мексиканската министерка за надворешни работи Патрициа Еспиноза успеа да го скрши отпорот на Боливија, не дозволувајќи забелешките од оваа земја да го одведат Самитот на 190 држави во неуспех. Првпат официјално е признато дека просечната температура не смее да порасне повеќе од два степена Целзиусови во споредба со прединдустрискиот период.

Ова е нова ера во меѓународната соработка против промените на климата, заклучи мексиканската претседателка со собирот, кој беше под печатот на спорот меѓу сиромашните и богатите земји.

Според германскиот министер за екологија Норберт Ретген, одлуките од Канкун се важен темел на патот кон договор за климата.

„Канкун ги оправда очекувањата. Меѓународната заедница покажа дека може да биде ефикасна“, рече Ретген.

Гринпис: Знак за надеж

Организацијата за заштита на природата Гринпис завршниот документ од Канкун го оцени како знак за надеж.

UN-Klimagipfel in Cancun

„Резултатот е подобар од она што го очекувавме и од што делумно стравувавме. Сепак, ова е само почеток, допрва претстои работа“, изјави раководителот на Одделот за меѓународна политика за климата во Гринпис, Мартин Каизер. Тој ја критикува малата амбициозност на Европа на Самитот за климата и неединството на земјите-членки на ЕУ и недоволната храброст во однос на пример на редукцијата на испуштањето штетни гасови.

Гринпис бара од ЕУ на почетокот на 2011 година конечно да се усогласи на редуцирање на гасовите до 30 проценти до 2020 година.

Автор: ЖА/ЕМФ/дпа/ртре/афп

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска