1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Зошто Јеремиќ нема поддршка во соседството?

Шефот на српската дипломатија е кандидат за местото - претседавач со Генералното собрание на ОН. Меѓутоа, Вук Јеремиќ е без поддршка од некои соседни земји...

Српскиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ ја истакна својата кандидатура, но истовремено се покажа дека за неа не е обезбедена поддршка пред се’ од соседните земји. Хрватска, на пример, порача дека веќе и‘ ветила поддршка на Литванија, додека пак Жељко Комшиќ, членот на претседателството на Босна и Херцеговина, изјави дека ќе биде против таа кандидатура.

Оттаму се наметнаа повеќе прашања: Дали Вук Јеремиќ заборавил да лобира во соседството, очекувајќи дека оттаму ќе стигне автоматска поддршка или зад таквиот ладен став на српските соседи се кријат други причини?

Проблемот сепак е Јеремиќ

Самата кандидатура на Вук Јеремиќ пристигна релативно доцна, кога некои земји веќе го завршија лобирањето за своите кандидатури, истакнува за Дојче веле Александар Попов, директор за Центарот за регионализам. „Но ако сме докрај отворени, мислам дека за ваквиот став на соседите е виновна самата личност на кандидатот, односно тоа дека станува збор за Вук Јеремиќ“, вели Попов, образложувајќи: „Јеремиќ со острината на своите изјави и со честиот кавгаџиски тон кој го имаше кон соседите, придонесе за тоа да постои анимозитет во одделни земји од регионот кон него лично.

Zeljko Komsic Politiker Bosnien und Herzegowina

Жељко Комшиќ, член на претседателството на Босна и Херцеговина

И сметам дека реакцијата на Жељко Комшиќ е во тој контекст на анимозитет кон начинот на кој министерот Јеремиќ, вршејќи ја должноста шеф на српската дипломатија, реагираше во некои ситуации. Имаше пресилна реторика што не би требало да биде карактеристика на дипломат кој впрочем би требало работите да ги води во друга насока, во насока на смирување и давање на позитивен тон.“

Персонален или политички проблем?

Драган Ѓукановиќ, член на истражувачкиот форум на Европското движење во Србија вели дека кога станува збор за некоја регионална или добрососедска солидарност на меѓународен план има и некои позитивни примери, на пример кога Србија ја поддржа Хрватска за привремена членка на Советот за безбедност, а потоа тоа се случи и со предлогот за Босна и Херцеговина:

„Така што, ова со министерот Јеремиќ не би го сметал за некое правило, ниту за нешто што суштински влијае и ги детерминира односите на државите во регионот. Тоа повеќе го сметам за настан на кој државите од регионот реагираа ад-хок. Затоа, врз основа на ова не би извлекувал пошироки заклучоци. Сосема е јасно дека сега бројни отворени прашања, како на билатерален, така и на мултилатерален план, постепено се надминуваат. Се бараат адекватни решенија, што мислам дека е многу добро и тој процес на регионална соработка натамошно ќе јакне“.

NO FLASH Serbien Außenminister Vuk Jeremic

Српскиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ

Александар Попов истотака оценува дека односите на земјите од регионот се во нагорна линија. „Во таа смисла јас би ги раздвоил тие два процеса, поддршката за Јеремиќ од една и регионалната соработка од друга страна. Ситуацијата веројатно би била поинаква ако кандидатот беше некоја друга личност. Сигурно е само дека поширокиот процес на унапредување на регионалната соработка оди во добра насока“, вели Попов.

Суверено право на секоја земја

Министерот за надворешни работи на Србија, Вук Јеремиќ, за Дојче веле одговори на прашањето - како го коментира фактот дека неговата кандидатура нема да ја поддржат одделни земји од регионот: „Секоја земја има суверено право да одлучува кога станува збор за меѓународните кандидатури. Србија има принцип да ги поддржува земјите од соседството, земјите од регионот. Тоа е некој вид обичај, кога станува збор за Западниот Балкан, но повторувам секоја земја има апсолутно суверено право да донесува свои одлуки која станува збор за поддршката за други земји во меѓународните тела“.