1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Зошто Црногорецот има три мобилни телефони?

Во Црна Гора има речиси двојно повеќе активни СИМ картички отколку жители. Според некои анализи Црногорците во просек имаат најмногу телефони во светот. Причините се практични, но и статусни.

Ѕвони телефон. „Не е овој“, вели Ѓорѓије и вади од торбата телефон. „Не е ни овој“, вади друг идентичен телефон. Се јавува на трет, сличен телефон. „Го задржав првиот телефон поради бизнис контактите од порано, за да можам да ја продолжам соработката“, објаснува Ѓорѓије зошто не го откажал едниот број, кога поради поволни услови земал друг. „На многу луѓе им е тешко да го менуваат бројот на телефон, а особено да бидат внимателни кога некој ќе им прати друг број, да го сменат во именикот. И мене ми е тоа тешко.“ Третиот мобилен телефон го добил од фирмата во која работи, за да може бесплатно да разговара со колегите.

Одлуката на Ѓорѓије да носи три телефона не е ни најмалку необична во Црна Гора. И нема правило кој користи два или повеќе телефони. „Моментално два, а порано беа три-четири“, вели пензионерката Јела и објаснува: „Користам две мрежи, кои се потполно различни со цените на воспоставување повик и минути на разговор.“ Слично објаснување има и Харис, студент од Подгорица: „Имам два телефона. Еден, зошто не сум дома, да се слушнам со моите, а еден да зборувам со девојката.“ Харис не размислувал за тоа зошто поголемиот број Црногорци користат повеќе броеви. „Некој има потреба да се покаже, а некому му е навистина потребно, на некои луѓе кои се занимаваат со бизнис“, претпоставува Харис.

Марко, кој исто така е студент, не се согласува дека не станува збор за луксуз: „Го има и тоа, затоа што ние сме познати по тоа дека имаме телефон од 400 евра, а одиме пеш на работа.“

Патолошки капитализам

Моментално во Црна Гора има околу 1,1 милион активни СИМ картички, што е 177 проценти во однос на бројот на население. „Од кога постојат услугите на мобилна телефонија во Црна Гора, најголем број корисници е забележан во август 2008. година и изнесуваше 1.357.712, значи 219 проценти корисници во однос на бројот на население“, вели Ивона Мариќ од Агенцијата за електронска комуникација и истакнува дека има поголем број корисници на лето, поради туристите. Во разговорот за ДВ таа тврди оти бројот на активни СИМ картички најмногу паднал на преминот од 2011. во 2012. година. „Операторите имаа обврска до крајот на ноември 2011. година да ја завршат регистрацијата на корисници. По тој рок сите нерегистрирани СИМ картички се деактивирани. И Мариќ смета дека нејзините сограѓани имаат повеќе телефони за да трошат порационално, односно да бараат броеви во рамките на една мрежа и да ги користат поволностите на различни оператори.


Социолозите наведуваат, меѓутоа, и низа други причини: „Можеме да наведеме неколку мотиви кои го поттикнуваат таквиот користење на мобилни услуги: почнувајќи од зачувување на одредено ниво на приватност, до поевтино одржување врски со лицата кои користат ист провајдер“, вели комуникологот Филип Радуновиќ за ДВ. Од овие технички објаснувања поважни се социолошките, а за нив причините треба да се бараат во системот на вредности кој во Црна Гора се градеше низ поделби во последните две децении. „Кога сите тие несигурности ќе се измешаат со крајно патолошкиот тип на капитализам, каков што се практикува кај нас, тогаш не е ни чудно дека нашите сограѓани дел од својата несигурност ја артикулираат низ силна потреба за општо општествено прифаќање- да се биде прифатен во општеството денес за жал во голем дел се дефинира низ начинот на она што конзумирате“, смета Радуновиќ.

Нема криза кога треба да се покажеш

Иако Црногорците се жалат на високите цени на режиските трошоци, па велат дека плаќаат најскапи струја и вода во регионот, а на скапите импулси и СМС-пораки, од друга страна, малку кој укажува. Токму тука и Владата на Црна Гора виде простор за зголемување на сметките, па Црногорците минатата година секој месец плаќаа по 1 евро за секоја СИМ картичка која ја поседуваат. Тоа е наречено „кризен данок“. Владата планираше и оваа година да го полни буџетот на сличен начин, па предложи данок од 7 проценти на телефонските сметки над 5 евра. Мнозинството во Парламетот, сепак, го одби тој предлог, објаснувајќи дека граѓаните би го избегнувале данокот со купување на поголем број СИМ картички. Годините на криза, досега, не влијаеа значително на бројот на корисници. Од 2008. кога започна економската криза бројот на корисници (односно картички) падна за помалку од 5 проценти.


„Произлегува дека разните типови на искажување на социјалнот статус им пркосат дури и на најтешките социјални околности и моменти“, заклучува Радуновиќ. За разлика од овој комуниколог кој ја следи Црна Гора од Виена, каде моментално живее и работи, социологот Иван Радојичиќ од Никшиќ гледа малку поинаква слика. Тој смета дека главна карактеристика на црногорското општество е прилагодување на сѐ што е ново, но и на „снаоѓање“. „Многу луѓе, барем на почетокот на оваа мобилна телефонија, додека уште се бараше најдобриот метод на работа, користеа и добар дел од можностите кој го дозволуваа мрежите, но и голем дел криења зад тие броеви. Така што сум сигурен дека голем дел од сметките отануваше неплатен, па поради тоа некои картички повеќе не се во функција.“
Радојичиќ вели и дека многу купуваат телефони поради досада и поради забавните содржини кои ги имаат модерните апарати. „Некои за жал имаат премногу слободно време“, вели овој социолог. Поголем број телефони- луксуз или рационализација на трошоците? Ѓорѓије вели, ни едното ни другото. „Ми се допадна првиот телефон оти имаше радио, па купив и друг ист таков“, вели. „Сега ми е жал дека овој третиот, што ми го дадоа, не е ист.“