1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Зошто токму Лондон?

Домаќинот, Тони Блер, вчера на високите гости од Клубот на богатите можеше да им се пофали со уште една многу добра вест. Британската престолнина Лондон успеа да ги добие Летните олимписки игри за 2012.

Спонтано славје на улиците на Лондон

Спонтано славје на улиците на Лондон

Веста од далечниот Сингапур одекна како бомба во британската јавност, а граѓаните на среќниот добитник спонтано се собраа на легендарниот Трафалгар сквер да го прослават големиот триумф. На преку 10-те илјади Лондончани вчера попладне дури им беше наклонето и небото, кое наместо традиционалниот дожд донесе сончев сјај.

„Кога нешто вакво се случува, тогаш ти се ежи кожата...„ изјави фудбалерот и медиумска ѕвезда Дејвид Бекам, кој беше член на британскиот тим при изборот во Сингапур.

Како му појде од рака токму на Лондон да победи во трката за Олимписките игри во острата конкуренција против еден Париз, Њујорк или Мадрид?

На Лондон не му помогна толку ветувањето на премиерот Тони Блер дека ќе организира најдобри Олимписки игри на сите времиња, туку одличниот концепт што ги ползува сите историски и инфраструктурни потенцијали на британската метропола. Организаторите подготвија концепт што ветува компактни Игри со куси времиња за патување од едно до друго спортско борилиште. Иако Лондон во поширок смисол е живеалиште за ни помалку, ни повеќе туку 7,4 милиони жители, дури 80% од сите планирани олимписки дисциплини ќе можат да се одржат според планот на најмногу 20 минути оддалеченост од централниот Олимписки парк. Тој, пак треба да никне во сегашниот сиромашен кварт на Лондон, т.н. Истенд. Планирано е овој дел од градот сеопфатнпо да биде саниран и во него да се изгради Олимпиското село, Олимпискиот стадион за 80.000 гледачи, како и борилишта за уште 12 други дисциплини.

Два натамошни олимписки центра покрај овој во Истенд треба да никнат во самиот центар на Лондон, како и малку понатаму по течението на реката Темза. Интерсено е што во спортските игри ќе бидат интегрирани веќе познати туристички атракции. Така, трасата за маратонот ќе води и преку славниот Тауер бриџ, подвижниот мост што се претвори во меѓународно познат белег на Лондон, како и покрај еднакво познатиот градски часовник Биг бен. Маратонците секако ќе минат и покрај Бакингемската палата, седиштето на британската Кралица. За триатлонот е предвиден исто познатиот Хајд парк, каде по традиција се собираат говорниците, кои имаат да соопштат револуционерни идеи. А Риџент паркот е предвиден за натпреварите во Бичволејбал.

Тревата на славниот Вимблдон ќе ги угости секако тенисерите од целиот свет, а славниот стадион Вембли ќе биде клучното сврталиште за фудбалскиот турнир на Олимписките игри. Оваа фудбалска арена треба да биде обновена и со новиот сјај ќе засјаи уште во мај наредната година.

Веслачите ќе се натпреваруваат во сенките на Дворецот во Виндзор, полн со историска тежина, а едриличарите ќе мораат да заминат малку подалеку во Вејмут, на британскиот јужен брег свртен кон каналот Ламанш.

За подготвувањето на сите спортски борилишта ќе бидат потребни огромни финансиски средства. Само за организацијата се предвидени 2,8 милијарди евра, а како најголем предизвик за организаторите се смета решавањето на транспортниот јазол. За обнова на не баш кралската железничка мрежа на Лондон предвидени се цели 12 милијарди евра. Кога сето ќе биде завршено, од Олимпиското село во Истенд до центарот на Лондон на посетителите и спортистите ќе им требаат само 7 минути.

За конечната одлука на Олимпискиот комитет токму на Лоднон да му го доверат организирањето на Летните олимписки игри 2012 верјатно придонесе и концептот за тоа што по Игрите. Така, Олимпиското село во сиромашниот кварт треба да биде претворено во населба со ефтини станови за примателите на социјална помош. А големиот Олимписки стадион треба да биде смален на арена за натпревари во лесна атлетика со 30.000 места.

Ова е инаку трет пат Олимписките игри да се одржуваат во главниот град на Обединетото Кралство. Првиот пат во 1908 Лондончани имаа само две години време да се подготват, бидејќи ускокнаа по ненадејното повлекување на Рим. И покрај тоа беше остварен рекорден број учесници од преку 2000. А во 1948, само три години по крајот на Втората светска војна, на Британците повторно им појде од рака да постигнат рекорд, собирајќи 4.100 спортисти од 59 земји.