1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Зошто „Стандард и пурс“ е под истрага?

Американските власти водат истрага против рејтинг агенцијата „Стандард и Пурс“ поради издадените премногу добри оценки за дел фирми. Иако истрагата почна пред намалувањето на кредитниот бонитет на САД, предизвикува бура.

default

Зградата на „Стандард и пурс“

Американците вчераутро на свое изненадување беа разбудени со економска вест, а не како обично деновиве, за почетокот на изборната кампања.

Кај радиото НПР економските вести започнаа со наслов- „Стандард и пурс“ под микроскоп, повикувајќи се на истражувањата на реномираниот весник „Њујорк тајмс“.

Неговата репортерка Луис Стори откри дека одборот кој врши надзор над работата на банките и министерството за правда вршат истрага токму против рејтинг агенцијата која неодамна ја намали кредитоспособноста на САД. Авторката не гледа поврзаност меѓу овие две работи. По финансиската криза беа започнати постапки против некои хипотекарни банки, но за рејтинг-агенциите не стана збор. Стори открива кои се нејзините извори на информации:

„Тоа се сведоци во можниот процес против ’Стандар и пурс’, кои веќе биле сослушани во текот на летото“.

Последица на неправилно работење

Значи, не се работи за одмазда, туку за истрага против рејтинг агенција која, како и другите, премногу позитивно ја вреднувала состојбата на хипотекарните банки пред 2008 година, а нивните хипотекарни пакети ги оценила со најдобри оценки. Со тоа се „изгореле“ многу вложувачи, а кризата на американскиот пазар на недвижности прерасна во светска економска и финансиска криза. За истрагата против „Стандар и пурс“ Стори вели:

„Сакаат да откријат дали биле погрешни калкулативните модели, односно дали се работи за ненамерна грешка или пак некои аналитичари биле свесни за штетноста на пакетите, но биле наговорени од своите шефови, кои едноставно сакале повеќе пари“.

Важен исход за работата на рејтинг агенциите

Исходот од оваа истрага ќе има големо значење за работата на рејтинг агенциите. По нивната погрешна проценка на состојбата во 2008 година, тие се на мета на масивна критика. Критички се гледа што рејтинг агенциите се плаќани од оние кои имаат голем интерес од позитивното вреднување на своите производи, а не од оние за кои проценката е основа за вложувањата пари. Овој конфликт на интереси може да води до погрешни проценки, стравуваат критичарите.

Но, и покрај новата регулатива за финансиската бранша во САД оваа пракса не се промени. Во основа, Лоренс Вајт од Школата за економија во Њујорк ги смета за оправдани ваквите проценки, на пример на бонитетот на државите. Сепак, проблем е системот:

„Би го минирал целиот систем. За несреќа, надзорните одбори сметаат дека довербата врз основа на проценката е едноставна. Надзорните тела сакаат да го задржат ваквиот едноставен начин и се многу воздржани околу промената на системот“.

Се‘ уште нема податоци кога ќе биде завршена истрагата против „Стандар и пурс“ и дали слични постапки ќе бидат поведени и против други рејтинг агенции.

Автор: Паулерт Ридигер/ Жана Ацеска

Редактор: Симе Недевски