1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Зошто се самоубиваат работниците?

Серијата самоубиства кај производителот на електроника „Фокскон“ го насочи вниманието на јавноста кон условите за работа во Кина. Сега ова претпријатие сака да ги зголеми платите. Сепак работниците се‘ уште се скептични.

default

„Фокскон“ во кинескиот град Шенжен

Навечер, по крајот на работното време, стотици млади луѓе излегуваат низ портите на концернот „Фокскон“, и одат да купуваат во блиските продавници и да шетаат низ ноќниот пазар во близината. Лесно може да се препознаат, повеќето уште ја носат работната униформа, односно црна, бела или црвена маица со логото на фирмата на градите. Еден од нив вели дека секако слушнал за самоубиствата. Но, тој не знае ништо конкретно оти во неговиот оддел не се случило ништо, а во „Фокскон“ сепак работат многу луѓе. Само во погонот на тајванската фирма во јужнокинескиот Шенжен, која со недели е топ-тема во медиумите, работат 400.000 вработени. Покрај автопатот се наоѓаат повеќекатни хали за производство, зад нив се зградата на управата и домови за работниците. Концернот е како посебен град во предградието на Шенжен. Од почетокот на годината десет работници овде извршија самоубиство, повеќето од нив се фрлија од нивните домови во зградите. Уште тројца останати го преживеаја обидот за самоубиство.

Поврзаност со „Епл“

China Foxconn Suizid

Поврзаност со „Епл“

„Овдешните услови се исти како секаде“, вели младиот работник и љубезно замолува ако може да си оди оти има работа. „Фокскон“ досега на своите работници им плаќаше 900 јуани месечно како основна плата. Тоа се 110 евра што е во согласност со најниската плата предвидена во Шенжен. Од платата едвај може да се живее. Џефри Гротал работи за „Чајна Лабор Булетин“, една организација во Хонг Конг која се бори за правата на работниците во Кина.Тој објаснува дека и во други претпријатија постојано се случуваат самоубиства на работниците: „Во случајот „Фокскон“ се известува за тоа затоа што меѓународниот печат знае за поврзаноста со „Епл“ и други познати брендови.“ Меѓу другото „Фокскон“ ги произведува „Ај-фон“ и „Ај-под“. „А кинеските медиуми не смејат да известуваат за тоа, затоа што фирмата е тајванска.“

Голем притисок врз работниците

Foxconn China Shenzhen Technik Selbstmord

Работници во концернот во Шенжен


За повеќето работници во „Фокскон“ прекувремената работа е дел од секојдневието. Владиниот весник „Чајна Дејли“ цитира едно истражување на градската управа на Шенжен, според кое 72,5 проценти од вработените во „Фокскон“ редовно работат прекувремено. Во просек им се собираат по 28 часа месечно, што се сепак четири работни дена. Според други извештаи некои работници месечно работеле 80 часа прекувремено, многу повеќе од законски дозволените 36 часа. Големиот притисок на работното место и строго пропишаниот живот во рамките на концернот се сметаат за причина за серијата самоубиства.

Во меѓувреме „Фокскон“ реагираше и по итна постапка ги зголеми платите за 30 проценти. Во октомври се очекуваат нови покачувања, кога работниците би требало да заработуваат 2000 јуани, односно 240 евра без прекувремена работа.

Автор: Матијас Белингер/ Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Жана Ацеска