1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Зошто пчелите го сакаат Берлин?

Во Берлин пчелите стануваат се’ повеќе домашни миленичиња. Кошниците со пчели се поставуваат насекаде, на тераси, па дури и на покривите на хотелите...Дали станува збор за тренд што кратко ќе трае или можеби не?

default

Анете Милер со своите кошници

Одгледувањето пчели во строго урабните делови не е некаков нов феномен. Ова го паметат и поранешните жители на источната Демократска Република, а да не зборуваме за легијата Њујoрчани, кои кошниците со пчeли ги чуваат во станбени згради. Па сепак, пред неколку години Берлин го зафати пчеломанија. Да се има кошница со пчели во меѓувреме стана работа на престиж и покажување еколошка свест. Инаку, како може поинаку да се објасни фактот што дури и големите хотелски синџири чуваат кошници со пчели на покривите од зградите? Според последните статистички податоци бројот на пчелари во Берлин се зголеми на 570 луѓе и тоа со тенденција да расте. Ова, се разбира, се добри вести за берлинскиот екосистем, кој во последниве десет години загуби околу 30 проценти од пчелите. Членовите на здружението „Берлински мед“ сепак се загрижени. Основачот на здружението Анете Милер објаснува како новиот тренд на одгледување пчели со себе носи и неколку проблеми во градот. Како прво и основно, многумина купуваат кошници со пчели и набрзо ги фрлаат, бидејќи сфаќаат дека чувањето пчели и негрижливоста не одат заедно:

„Одгледувањето пчели не е забава, но може многу добро да се искористи во рекламни цели, како на пример, за некој хотелски синџир“, вели Милер, која раководи со здружението на пчелари, а кое има за цел квалитетниот и природен барлински мед да го направи достапен за сите.

Квалитетен градски мед

Berliner Honig

Берлински мед

На прв поглед се чини контрадикторно, дека градската околина може да биде место за производство на добар и квалитетен мед, но тоакму тоа е случај овде во Берлин. Предноста на градовите е тоа што имаат разновида флора, особено Берлин кој има речиси најмногу зелени површини од сите европски метрополи воопшто. Тоа го прави медот поквалитетен, отколку да се одгледува во руралните области во кои доминираат монокултурите и најчесто се загадени со пестициди. Пазарите се преплавени со увезен и преработен мед, кој е привлечен за мештериите само поради ниската цена.

Здружението „Берлински мед“ сега сака ова да го смени:

„Сакаме берлинските пчелари да добијат чесна цена за својот производ и да продолжат да го шират својот бизнис. Една работа е кога некој ќе постави две или три кошници пчели на балконот, затоа што е модерно, но за сериозно производство на мед потребни се 200 до 300 кошници пчели“, објаснува Анете Милер.

Берлинските власти исто така донесоа одлука за тоа кој, каде и колку пчели ќе одгледува. Во поранешната Демократска Република властите даваа субвенции за производство на мед, така што во источнот дел на Берлин има луѓе, кои поседуваат многу повеќе кошници со пчели, од 20 до 30 на пример. Во западниот дел на градот во тоа време немало никакви субвенции за луѓето што одгледувале пчели, затоа тие чувале само по две до три кошници, што е случај и денес. Меѓутоа, сето ова се однесува на постарата генерација пчелари, кои полека се намалуваат. Нивното намалување, како и неколкуте епидемии, беа причина поради која нагло се намали бројот на пчелари во градот во изминативе десет години.

Пчели има, но нема цвеќе

Berliner Honig

Вкусен берлински мед

На нивно место сега работат млади Берлинчани, од по триесет или четириесет години, но прашање е колку од нив ќе опстанат, откако ќе пројде моменталниот ентузијазам. Но, што велат за ова градските власти? За жал, ништо. Кошниците со пчели треба да се пријават, но не е потребна дозвола за нивно поставување. Но, се’ едно, пчеларите не добиваат никаква помош од градските власти. Анете Милер признава дека, барем 10 проценти од пчеларите не се официјално пријавени кај властите, бидејќи одгледуваат пчели на различни делови од градот. Во принцип, треба да се пријави секоја кошница, па дури и ако се наоѓа на друго место, но тоа ја компликува работата со ветеринарскиот преглед.

Проблемите со одгледувањето пчели не се само од административен карактер. И покрај тоа, што служат како добра реклама и материјал за фотографирање, сепак е несоодветно да се чуваат кошниците на покривот од куќите и зградите. Една кошница може да тежи и до 30 килограми, а носењето по скали е ризично и непрактично, а да не зборуваме за тоа колку нега им е потребна. „Која е смислата во тоа?“, се прашува Анете. Нејзе и´ е мило што пчелите се толку популарни, па дури и по цена на пропагандните акробации. Еден таков пример е хотелот што се наоѓа на плоштадот Александар во Берлин. На покривот од хотелот се чуваат неколку кошници со пчели. Меѓутоа, на растојание од четири километри од хотелот, колку што се одалечуваат пчелите, нема доволно зеленило. Освен тоа, за пчелите голем проблем во градовите се и заразите. Тие во градската околина се шират многу брзо поради близината на кошниците. Како резултат на ова се јавува масовно изумирање на пчелите. Затоа, пчеларите на пролет ги носат кошниците во градските паркови каде ги кријат од градските власти. Но, тука, пак, најчесто ги крадат или ги уништуваат.

На пчеларите не им течат мед и млеко

Bienen und Milben Flash-Galerie

Пчеломанија во Берлин

Медот и производите од мед тешко се продаваат. Затоа здружението на пчелари „Берлински мед“ имаат склучено договор за продажба на мед со неколку синџири на хотели и супермаркети. Но, други продавници на органска храна ги одбиваат нивните производи. Иако, се работи за мед произведен на најприроден можен начин, сепак, фактот дека стојат на полица на обична самопослуга за луѓето на органско производство на храна, е неприфатливо. Други луѓе, пак, не можат да веруваат зошто една мала тегла мед чини шест или седум евра. Меѓутоа, без соодветен надомест за вложениот труд на берлинските пчелари, тие и понатами само ќе тапкаат во место.

Автор: Крешимир Дујмовиќ / Светлана Брик

Редактор: Ж.Ацеска