1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Зошто не се пишуваат книги за млади?

Литература за тинејџери од македонски писатели има малку, а за сметка на тоа - многу преведени книги од странски автори. Квалитетот на понудата е дискутабилен, како и „вредностите“ што тие книги ги содржат.

Во „Детска радост“, најстарата издавачка куќа за детска и литература за млади во Македонија, велат дека понудата на дела од македонски автори е многу мала, а кај младите нови писатели - нема интерес.

„Всушност нема млади автори, така што сме свртени кон тие што ги имаме. За деца и млади пишуваат само неколкумина - Горјан Петревски, Велко Неделковски... Размислувавме за конкурс за роман за млади, но нема интересирање од страна на нови млади автори. Годинава 5-6 книги за млади ќе бидат издадени и финансирани од Министерството за култура“, изјави за ДВ Ирина Ставрева, уредник во „Детска радост“, не криејќи го разочарувањето од ваквата состојба.

„Озборувачки“, „Надарени“, „Академија за вампири“!?

Mazedonien Buchhandlung in Skopje Bücher

Трендот на „Вампирски дневници“, „Озборувачки“ и слични комерцијални наслови кои во основа не ги красат книжевни и естетски вредности, одговара само на комерцијалниот миг.

„Во издавањето преводи од странски автори главно се водиме од листата на бестселери во светот. Младите ги бараат и имаат извонредна продажба. Од домашните автори најмногу се читаат делата на Горјан Петревски. Издадовме околу 30 книги од тинејџерската библиотека од популарни, современи книги, но не поминуваат најдобро...“, објаснува Ставрева и тврди дека младите не сакаат да читаат книги.

Исти лектири за многу генерации

100 deutsche Bücher

Тренд - се преведуваат комерцијални книги од странски автори

Оваа празнина во македонската продукција професор д-р Виолета Димова од Филолошкиот факултет во Скопје ја објаснува со немотивираноста на авторите да пишуваат за оваа популација.

„Книгите во домашните книжарници главно се од постар датум, а нови книги има многу малку. Освен делата на Горјан Петревски, Киро Донев, Оливера Николова, Видое Подгорец, кој беше еден од најплодните писатели, понудата е недоволна за да кажеме дека имаме добра продукција на литература наменета на популацијата која се наоѓа на преминот меѓу пубертет и адолесценција. Во споредба со Словенија, Хрватска или Србија, ние во тоа заостануваме“, објаснува професор Димова.

„Стереотип е дека младите не сакаат да читаат книги“

Таа смета дека трендовите во книжевноста за младите читатели, треба да се актуелизираат и во домашното творештво. И не го прифаќа стереотипот дека младите не сакаат да читаат книги.

„Ако не го научиме детето да чита тогаш како ќе очекуваме потоа возрасните да читаат? Треба постојано да се биде во тренд, а издавачите да се мотивираат да издаваат книги за деца, па макар и од овие писатели кои ги имаме во моментов. Иако се плашам дека по нив не знам кој ќе пишува“, коментира Димова.

Symbolbild Lesen Kind Liest

Младите (не)сакаат да читаат книги

Забелешките ги упатува на квалитетот на понудените преводи на македонски јазик - неселективно и без критериум - и смета дека се потребни добро одбрани теми и книги кои децата ќе ги поттикнат на критичко и креативно мислење.

„Тие дела имаат етички, но и естетски пораки. Децата го сакаат Хари Потер затоа што создаде имиџ на интелигентно и храбро дете, а тие топоси им се неопходни на децата во нивното растење“, објаснува Димова, која е автор на книгата „Естетиката на комуникацијата и литературата за деца“.

Популарната литература не ги едуцира децата

„Децата првенствено читаат за разонода, бараат книги кои ќе им бидат забавни и интересни. Но, и покрај ова, книгите можат да ги образуваат или индоктринираат. Пораките кои литературата им ги пренесува на децата се многу важни. Сепак станува збор за читатели кои ја формираат својата слика за светот“, вели Марија Тодорова, преведувач на над 15 книги за деца меѓу кои и „Хобитот“ од Џ.Р.Р Толкин и „Историјата на Нарнија“ од К. Луис.

Таа вели дека бестселерите не се литература која ќе ги „едуцира“ децата.

„Тие се темелат на вкоренетите предрасуди и стереотипи, кои не се обидуваат да го сменат светогледот. Јазикот на преводите за деца треба да биде беспрекорен: од овие книги децата учат како да го користат јазикот. Од друга страна, треба да се внимава текстот да им биде доволно познат за да се соживеат со него, да не им биде премногу напорен за читање, но и да им помогне да научат нешто ново и кој ќе им ги доближи странската култура, историја и традиција. Секако, домашната продукција е многу значајна, затоа што само домашните автори ги знаат посебната култура, сензибилитет и интереси на децата во Македонија“, вели Тодорова од „Вермилион“, специјализиран издавач за литература за деца и млади.

Поврзана содржина