1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Зошто нема повеќе спонтани протести во Македонија?

Етиката и транспарентноста во демократијата беа главните теми, на кои расправаа учесниците на шестиот Летен универзитет за демократија на Советот на Европа што се одржа во Стразбур - меѓу другите и од Македонија.

default

Од неодамнешните протести на младите против полициското насилство

Етиката е често занемарена во политиката, медиумите и во светот на претпријатијата. Не случајно, шестото издание на Летниот универзитет за демократија на Советот на Европа, организиран за неговата мрежа на Школите за политички судии се занимаваше со оваа проблематика. За време на неговото одржување во Стразбур се сретнавме и поразговаравме со посетителите на Школата за политички студии „Мајка Тереза“ од Скопје, кои ни ги пренесоа нивните видувања за етиката во македонската демократија.

Македонија не е имуна на општите случувања

„Македонија не е имуна, да речеме, на општите случувања и во политиката, посебно на Балканот, бидејќи Европа со своите проекти да се воведе демократија од европски терк во Македонија е делумно успешна.

Mazedonien Proteste Jugend Martin Neskoski

Повод беше убиството на Мартин Нешковски (на плакатот) од страна на припадник на полициските специјални единици

Мислам, тоа се одвива по некоја динамика, меѓутоа не според очекувањата на добронамерниците и на оние кои посакуваат Македонија да биде вистински демократска држава.“

„Етиката и политиката во Македонија се две работи, кои се дијаметрално спротивни, а според светските стандарди би требало да одат една покрај друга.“

„Јас искрено мислам дека во македонската политика не постои етика, да не речеме дека не постои кај сите политичари, ама кај мнозинството не постои и тоа поради една многу едноставна причина, поради тоа што народот во Македонија се’ помалку бара одговор и отчет од владата.“

„Во било која област доколку нема етика би било промашено. Јас велам дека етика и естетика треба да бидат составни делови на целокупното наше живеење. Во таа смисла неопходна е етиката во политиката. Ниските удари се казнуваат и во спортот, меѓутоа ниските удари во политиката најчесто ги казнува народот на изборите.“

Зошто е тоа така

„Една од причините за таквата поставеност е структурата на политичкиот систем, моќта која политичките партии ја имаат во целиот политички живот. И како основен инструмент на артикулација на волјата на гласачите, политичките партии заради своето однесување придонесуваат за намалување на етичноста во политиката и според мене тука лежи основниот проблем.“

Anhänger der regierende VMRO DPMNE Partei

Убиството се случи на постизборниот митинг на владеачката ВМРО-ДПМНЕ

„Неетичноста и политиката е директно поврзана со медиумите и тука таа спрега за наша несреќа почнува се’ понагласено да е присутна во Македонија.“

Решенија за надминување на ваквата ситуација

„Во однос на етиката и политиката мислам дека има огромен простор за работа во Македонија. Секогаш кога на младите им се дава можност да работат на тоа поле, секогаш постојат многу алтернативни решенија. Сите млади кои учествуваме овде имаат позитивни и креативни идеи каде може да се придонесе за да се направи нешто подобро.“

„Доколку дојде до поместување на одговорноста на избраниците на народот, од одговорност кон гласачите и помала одговорност пред партијата, мислам дека ќе дојде до поместување на степенот на етичност во политиката кај нас.“

Самоиницијативни протестите на младите

Спонтаните и самоорганизирани протести на младите во Македонија по убиството на нивниот врсник, според нашите соговорници се доказ дека нешто се менува во земјата.

Wahlkampagne Mazedonien Parlamenstwahlen SDSM Skopje 15.05.2011

Изборен собир на опозициската СДСМ

„Тоа што се протестира е добар настан за демократијата. Во демократии кои се поздрави и позрели за такви инциденти паѓаат влади. Имаме индиции дека сака да се користи тоа политички, од една страна преку медиумите, власта форсира дека тоа се протести на опозицијата, а од друга страна, опозицијата некако инфилтрира свои луѓе, за да си добие политички поени.“

Еден од нашите соговорници заблежува дека сите досегашни протести во Македонија биле организирани од политичките партии, било да се тие од македонскиот или албанскиот политички блок.

Недостасуваат спонтани протести

„Но, никогаш немало протести од самата свест дека се случува неправда. Албанците протестираа за правата, за црквата, но тие беа организирани протести. И Македонците протестираа пред владата кога беше организирано. Но спонтано, кога се случува некоја неправда на некого, ние не излегуваме да протестираме. Иако потсвесно сите знаеме дека ако тоа денес му се случило на комшијата, дека утре ќе ни се случи и нам.“

Teilnehmer der Sommeruniversität für Demokratie des Europarats

Учесниците на Летниот универзитетот на Советот на Европа во Стразбур

„Јас го поздравувам овај гест, односно оваа голема акција која што младите ја спроведуваат, досега не сум видела таков активизам кај младите. Се надевам дека и за другите работи, кои што ги перципираат како негативни или пак поради нив не се задоволни, можат да излезат и да кажат стоп – ова не ни се допаѓа! Тоа е одличен чекор кој што младите го преземаат.“

Размислувањата за етиката и демократијата и за најновите настани во Македонија ни ги пренесоа посетителите на школата за политички студии „Мајка Тереза“ од Скопје: Линдита Реџепи, младински работник од Центарот за меѓукултурен дијалог во Куманово, Драган Ристевски, член на Советот на општина Битола и поранешен новинар, Лулзим Селам, асистент на универзитетот ФОН и Диоген Хаџи-Коста Милевски асистент при Универзитетот од Битола.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Горан Чутаноски

DW.COM