1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Зошто на Турција и’ требаат Патриотите?

Барањето на Турција до НАТО предизвика конфузија меѓу политичарите и експертите. Зошто на Турција и требаат ракетите ПАтриот? Дали ќе бидат искористени за создавање зона за забранет лет? Дали Анкара има скриени планови?

Турција во средата доби зелено светло од НАТО за барањето за распоредување долж границата со Сирија на Патриот ракетите земја-воздух. Со можното распоредување за неколку недели, НАТО ќе го направи најхрабриот чекор до сега во сириската криза, а 20-месечниот конфликт се чини дека ќе добие поинаква димензија. Додека некои западни политичари сметаат дека НАТО се инволвира во сириската војна, многу експерти за одбрана на распоредувањето гледаат како на одвраќање, односно како на конкретна мерка што ќе го спречи префрлањето на битките на турска територија.

Syrien Bürgerkrieg Kämpfe Ras al-ain

Битките во Сирија се водат и во близина на границата со Турција

Професорот Мустафа Кибароглу, кој има специјализирано на безбедносни прашања и ракетна одбрана, предупреди на многу шпекулации.

„Турското барање за Патриот ракетите е повеќе од обид за зајакнување на одбраната. Дали ќе се осмели Сирија, Иран или некоја друга земја да испали ракета кон Турција, откако гледа дека НАТО отворено и јасно застанува зад Турција?“, прашува професорот Кибароглу во разговор за Дојче веле. Тој притоа нагласува дека распоредувањето пред се’ има политичко значење, но исто така на Турција и обезбедува силна заштита, ако конфликтот дополнително ескалира.

Страв од хемиски оружја

Минатата недела турскиот претседател Абдула Ѓул изрази загриженост дека Сирија може да употреби и хемиско оружје против Турција и забележа дека ракетите од НАТО би можеле да ја спречат заканата. Сириската влада во јули информираше дека ќе употреби хемиско и биолошко оружје само ако биде нападната од надвор.

F-16 Jet

Зоната за забранети летови треба да биде потпомогната до силни воздушни сили

Турските безбедносни експерти не веруваат дека ќе се случи ваков напад од Сирија кон Турција, бидејќи тоа би значело напад врз НАТО, но доколку режимот ја загуби контролата или почне да се распаѓа, тогаш постои опасност некои неконтролирани воени или безбедносни структури да направат провокација.

Сириската армија за сега ги продолжува борбите на границата со Турција и се случува некогаш нејзини гранати да паднат на турска територија. По трети октомври, кога сириски гранати убија пет лица во турско село, турската армија одговори со испалување гранати, што предизвика загриженост дека конфликтот ќе се прошири.

Зона за забранети летови?

Некои експерти потегот на Турција да побара заштита од НАТО го оценуваат како прва фаза од долгорочниот план за воведување зона за забранети летови над Сирија. Турција долго време заговара создавање на ваква зона, со што би се заштитиле бегалците и би се создала заштита од сириските воздушни напади. Но, за ова Анкара до сега не успеа да ги убеди своите сојузници.

Flash-galerie Die NATO im Wandel

НАТО сака поблиска соработка со Турција

Западни дипломати нагласуваат дека таквата зона треба да биде потпомогната од силни воздушни сили и оти таа носи и сериозни ризици, бидејќи сирискиот режим има напредни воздухопловни одбранбени сили.

Олеснување од изолација

За многу турски експерти распоредувањето на НАТО е олеснување за турската влада, која се повеќе беше изолирана поради воинствената и агресивна политика кон режимот на Асад. Професорот Мустафа Кибароглу смета дека освен солидарноста и засилувањето на безбедноста, со распоредувањето на ракетите НАТО сака да покаже и поблиска соработка со турската влада.

„Ова распоредување ќе спречи ескалација на кризата, ќе одврати од намерата секаква неконтролирана реакција кон турската воинствена политика. Исто така постои очекување дека Турција ќе има поблиска соработка со НАТО за политиката кон Сирија“, смета професорот Кибароглу.