1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Зошто нафтата на Саудиска Арабија е толку важна за светот?

Цените на бензинот се на највисоко ниво во последните неколку години. Медиумските наслови деновиве постојано се занимаваат со нафтата, нејзиниот недостиг, цената и зголемувањето на производството. А, по терористичките напади во Саудиска Арабија за време на викендот расте стравот дека би можело да биде полошо.

Ирак е вториот по големина извозник на нафта во светот

Ирак е вториот по големина извозник на нафта во светот

Вилијам Бјукенен, експерт за нафта од Стандард Банк во Лондон, вели:

”Луѓето си мислат: ”Момент, можеби следниот пат во воздух ќе летне танкер со нафта. Тогаш навистина количеството на нафта може да биде кнап”.”

Најавата на Саудиска Арабија дека има намера да го зголеми црпењето на нафта не може да го смири пазарот во Лондон. Трговците се занимаваат со прашањето – кога ќе стигне нафта и дали таа ќе биде доволна да ја покрие големата побарувачка од Кина и САД?

За значењето на Саудиска Арабија како извозник на нафта, пишува Петер Филип.

Блиската соработка и уште потесното заедништво на интереси на западот и саудиското кралство, веќе долго време им е трн в око на исламистичките фанатици. Западот, според нив, ја поддржува корумпираната и од вистинската вера веќе долго време оддалечената кралска куќа, а за тоа добива нафта по повластена цена. Саудиското кралевство за заштитата се реваншира и со тоа што со зголемување на производството ја регулира цената на нафтата во итни случаи.

Саудиска Арабија располага со најголеми резерви на нафта во светот, кои во моментов се црпат на пет големи нафтени полиња. Кралството продуцира една четвртина од количеството на нафта во светот.

Земјата е најважниот производител на нафта во светски рамки, но е и производител врз кој можеш да се потпреш, барем гледано со очите на западот и Американците. САД трошат една четвртина од светската нафта, а од тоа половина увезуваат од странство. Притоа делот што доаѓа од Саудиска Арабија е значителен. Американските фирми беа тие што во 30-тите години на минатиот век таму ги поставија првите нафтени пумпи. И, американските фирми беа тие што долги години во прва линија профитираа од тие извори. Добрите односи не беа расипани ниту со основањето на државното нафтео претпријатие, ”АРАМКО”. САД се и натаму најблизок партнер на Ријад во нафтениот бизнис.

Во оваа сфера веќе долго време има и саудиски и други арапски стручњаци, но таа сепак сеуште е домен на западните, а пред се американските експерти. Напади врз вакви експерти, би можеле да доведат до редукција на нивниот број. Тие во иднина ќе го променат нивното однесување, и на пример, ќе ги остават семејствата дома или ќе ги однесат во досега безбедните, Обединети Арапски Емирати. Но, тешко дека бргу ќе се откажат од нивната лукративна работа на арапскиот полуостров. Доколку тоа се случи, кралството ќе мора сериозно да се загрижи. Речиси 95% од извозот на земјата е сочинет од извоз на нафта. Ријад не може да си дозволи редукција на производството.

Нафтените постројки во Саудиска Арабија се ставени под најстрого обезбедување, но по нападите од 11 септември, во Источна Африка, во Мадрид и сега во Саудиска Арабија, мора да се смета со се. Екс човекот на американската тајна служба ЦИА, Роберт Баер, во својата книга “Саудиска врска”, опишува што би можело да се случи – добро координиран напад врз саудиските нафтени постројки би можел да ги исфрли од функција добри две години. Ваков напад би имал катастрофални последици за светската економија . По исламската револуција од 1979 година во Иран, светското производство на нафта падна за само 7%, но цените значително се зголемија. Во случајот на Саудиска Арабија последиците би биле уште поголеми.