1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Зошто мораше да биде спасувана банката „Хипо риал естејт“?

Банката ќе биде спасена со 50 милијарди евра за одржување на ликвидноста. Ако пропаднеше, тоа би предизвикало верижна реакција, би пресушил пазарот на пари, задолжените јавни буџети би останале без важен финансиер.

default

Централата на банката Хипо риал естејт во Минхен

Веќе по првиот обид за спасување на загрозената банка, пред една недела, инаку воздржаниот претседател на Сојузната банка Аксел Вебер искажа јасни зборови: нема алтернатива за драматичната акција за спасување, оти се заканува, како што буквално рече, „целосен застој на паричниот систем“. Каква врска има со тоа една банка која воопшто ни не работи со приватна клиентела? Ова пред се’ има врска со довербата, оти ако пропадне банка која е нотирана на најважниот германски индекс на акции ДАКС, тогаш Германците можат да загубат доверба во целокупниот банкарски систем на земјата. Само на штедните книшки лежат далеку преку 500 милијарди евра. Ако луѓето почнат да ги повлекуваат тие штедни влогови, последиците веќе не би можеле да бидат контролирани, пазарот на пари би пресушил.

„Хипо риал естејт“ навистина не работи со приватни клиенти, но е голем играч во Германија и Европа. Со билансна сума од околу 400 милијарди евра, банката со седиште во Минхен е меѓу најголемите овдешни финансиски концерни. Таа е специјализирана за големи проекти како деловни згради, хотели, аеродроми. Банкарскиот експерт Волфганг Герке укажува на еден аспект на нужноста за нејзино спасување: „Денес и банките се целосно поврзани и можеби таа би довела во потешкотии и други банки. Се разбира, еден таков пакет за помош не е ефтин, но тој е подобриот пат. Од светската економска криза научивме дека не смее да се дозволи да завладее паника, оти со тоа таа би се забрзала сама од себе. Со оваа мерка таквата опасност засега е отстранета“.

Системски ризик

Освен ова, „Хипо риал“ естејт е водечка банка во светот во делот на работењето со облигации со проценет волумен од 900 милијарди евра. Со облигациите, кои се сметаат за посебно сигурни вложувања, банките и осигурителните друштва меѓусебно се рефинансираат. Облигациите на Хипо риал естејт се обезбедени со недвижнини. Со тоа досега немало никогаш потешкотии - кој има трпение и оди на долги рокови, секогаш правел добивки. Ако сега пресуши и тој досега сигурен пазар, што и би се случило ако банката доживее колапс, и други кредитни институти би се соочиле со големи тешкотии за да дојдат до свежи пари. Тоа би бил таканаречениот системски ризик, кој деновиве често пати се спомнува.

Der Schriftzug der Hypo Real Estate Bank

Последиците од пропаста ќе беа големи

Но, има и други причини за спасување на „Хипо риал естејт“, на кои укажа сојузниот министер за финансии Пер Штајнбрик: „Ако сега дозволиме да падне овој институт, кој е толку поврзан со задруги, банки, покраински банки, со покраините и општините, тоа би проширило како шумски пожар. Имаме работа со една ситуација во која може да настане таква динамика на потреси, што носиме одговорност сега да го решиме тоа“. Ако Хипо риал естејт исчезне од пазарот, одненадеж недостасува еден голем финансиер на презадолжените јавни буџети - почнувајќи од федерацијата, преку сојузните покраини, се’ до општините. Со еден удар би останале без финансирање и проекти за деловни недвижнини. Разни фондови за згрижување имаат вложено големи суми во таа банка.

Спротивни ставови: во логиката на пазарното стопанство е и пропаѓање на фирми

Но, планот за спасување сепак не наидува насекаде на одобрување. Макс Оте, професор по финансии и автор на книгата „Падот доаѓа“, вели: „Тие жонглираа со многу големи суми во финансирањето на државни и инфраструктурни проекти. Јас не мислам дека пропаѓање на „Хипо риал естејт“ би била финансиска катастрофа за Германија како финансиски центар, како што радо се прикажува од банкарската бранша. Едноставно, пропаѓа една банка, како што беше и со „Лиман брадерс“. Потоа и повеќе други банки ќе имаат проблеми со билансот и мораат да отпишат одредени суми. Но, може да се дозволи и да пропадне еден институт, оти - тоа е пазарното стопанство“.