1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Зошто многумина не сакаат сериозно да ги сфатат климатските промени?

Влијанието на климатските промени е веќе видливо на разни места, наведуваат стручњаците. И покрај тоа многу луѓе го игнорираат тоа и не гледаат потреба нешто да сторат против тоа. Зошто?

Кога ја објави книгата „Living in Denial: Climate Change, Emotions, and Everyday Life" (Живот во негирање: климатски промени, емоции и секојдневен живот) Кари Норгард доби голем број заканувачки мејлови. Таа е психолог на Универзитетот во Орегон и се занимава со причините поради кои голем број луѓе во индустриските земји, кои не ги негираат научните сознанија за климатските промени, во својот секојдневен живот сепак не прават ништо за да ги спречат.

„Како е тоа можно? Знаеме многу за итноста на проблемот за климатските промени. Но, ако погледнете околу себе, тогаш добивате впечаток дека никој за тоа ништо не знае или дека никого тоа не го интересира“, вели Норгард во интервјуто за ДВ.

Оваа американска научничка престојувала 10 месеци во едно место на северот на Норвешка, значи во земја во која се читаат многу весници, во која луѓето се политички активни и во која нема сомнение дека постојат климатски промени.

Таа таму доживеала една многу топла зима. Првиот снег паднал 2 месеца подоцна од вообичаено, и тоа имало влијание врз земјоделството и туризмот. И покрај тоа што медиумите извествувале за врската меѓу топлата зима и глобалното загревање, реакции немало.

Норгард тоа го опишува како „социјално организирано негирање“: Иако луѓето се информирани за климата тие овие сознанија не ги доведуваат во врска со својот политички, социјален и приватен живот. Тоа е типично за богатите индустриски земји. Слично е и во нејзината земја, САД. „Луѓето прво се плашат за светот и за својата иднина. Второ, имаат чувство на вина бидејќи знаат дека нашиот висок животен стандард се заснова на фосилните горива и дека е тоа директно поврзано со проблемот. Тука уште се појавува и чувство на немоќ бидејќи овој проблем изгледа огромен.“

Силен механизам на одбрана

Луѓето не сакаат постојано да ги потсетувате на проблемите. Таа ова однесување го споредува со психолошките сознанија за причините поради кои многумина го игнорираа Холокаустот или употребата на атомската бомба во Втората светска војна. „Човекот се обидува да се заштити, избегнува непријатни факти и неопходност нешто да се преземе“, вели таа.

Пер Еспен Стокнес е психолог во „Центарот за климатска стратегија“ на Норвешкиот институт за бизнис (НБИ).

Во комуникацијата со научниците од областа за климата се занемарени психолошките механизми за одбрана, вели тој во разговорот за ДВ: „Долго се поаѓаше од тоа дека доволни ќе бидат самите факти. Меѓутоа, постојат психолошки бариери кои спречуваат навистина да се прифати она што ни го покажува науката. Тоа до сега се потценуваше.“

Далеку од мене

Тој вели дека на климатските промени се гледа како на нешто што е многу далечно: Од една страна, предвидувањата на ОН за 2100. година се многу далеку временски погледнато, од друга страна мразот кој се топи на Арктикот или зголемувањето на нивото на морето кај Бангладеш или на Малдивите, се чинат како нешто што е географски далеку.

„Се чини дека што повеќе знаеме за климатските промени, толку е помала загриженоста“, вели Стокнес, повикувајќи се на резултатите на испитувањето на јавното мислење во Норвешка- само 40 проценти од испитаниците сметааат оти причина за загриженост има. Стокнес вели дека комуникацијата за климатските промени е „најголем пропуст во комуникацијата за сите времиња“.

Поради тоа тој смета оти научниците би требало помалку да држат предавања, а повеќе да стапуваат во дијалог. И медиумите играат одредена улога: „Знаеме дека околу 85 проценти од сите извешаи за климата се сведуваат на извешаи за катастрофи. Исто така знаеме дека поради тоа луѓето оваа тема ја избегнуваат.

„Поради тоа и се намалува известувањето за климатските промени ширум планетата“, вели Елизабет Еиде, од Универзитетот во Берген. Таа оценува дека во општеството и во медиумите постои „замор од климатските промени“.
Доколку научниците имаат право кога станува збор за тоа дека недостиг на ангажман за заштита на климата е мотивиран во прв ред од психолошки фактори, тогаш треба да се најде психолошко решение. „Мораме да се одалечиме од негативноста и катастрофите и практичните решенија да ги направиме поатрактивни“, вели Стокнес.