1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Земја со нискпродуктивна и мизерно платена работна сила?

Костадин Делимитов7 февруари 2016

Без системски мерки и поддршка на запоставеното домашно стопанство Македонија нема да може да излезе од вителот на ниска продуктивност и понижувачка цена на трудот, предупредуваат експерти и бизнисмени!

https://p.dw.com/p/1Hr42
Фотографија: DW/A. Dimitriveska

Мала продуктивност, низок квалитет, мизерни плати. Македонија е соочена со сериозен проблем во делот на квалитетот и продуктивноста на работната сила. Домашната индустрија станува се` помалку конкурентна и го губи здивот во битката не само на странските туку и на домашниот пазар. Анализите но и податоците на државните институции покажуваат дека Македонија е на дното од регионот по овој основ. И статистички измерено просечните работници во земјава се најмалку двојно помалку продуктивни од европските колеги, со дури и до десетпати пониски плати. Експертите предупредуваат дека состојбата во континуитет се влошува:

„Продуктивноста на работниците во Македонија е ниска заради две главни причини. Првата е што технологијата на фирмите е на многу ниско ниво. Според неодамна објавениот извештај на Светскиот економски форум, Македонија е на 105-тото место во светот (од 140 земји) според прифаќањето на нови технологии. При застарена технологија, не може да се остварува висока продуктивност. Втората причина е што платите на работниците се ниски, што ги прави работниците демотивирани. Платите, пак, се ниски заради две причини - заради високата невработеност, која ги тера луѓето да прифаќаат работа по било која цена, и заради ниските работнички права, кои ја намалуваат преговарачката моќ на работниците. Затоа, и не чуди што Македонија е една од земјите што имаат најголемо отселување на работниците. Според истиот извештај на Светскиот економски форум, Македонија е на 129-тото место во светот (од 140 земји) според способноста да се задржат квалитетните работници. Можеби уште поважно, состојбата постојано се влошува последниве години", предупредува економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ.

Arbeitsagentur in Tetovo Mazedonien
Фотографија: privat

Домашните стопанственици се свесни дека цената на трудот во Македонија е безмалку мизерна, но се чувствуваат немоќни да влијаат на промена на состојбата. Без системска поддршка предупредуваат дека стопанството ќе станува се понемоќно и помалку продуктивно:

„Прво и основно е да се потпреме на домашната индустрија. Во делот на платите, ако сакаме да се задржат мора да има одредена поддршка, одредени мерки за да се обезбедат повисоки плати, а паралелно со тоа да се стимулира индустријата за модернизација и автоматизација. Зголемената плата е поврзана исклучиво со зголемена продуктивност. Сама по себе индустријата тоа не може да го направи, ќе дојдеме до колапс и до иселување, односно раселување на Македонија. Мислам дека работите се движат кон тоа. Постојат мерки за тоа да се постигне, меѓутоа прво и основно треба да се има волја и концепт што и како сакаме да постигнеме. Мора да се најде начин како ќе се зголемат платите, но не со законски мерки и директиви на сметка на уништување на производството. Затоа што едно мора да се знае, платите не се желби на работодавците, како работодавец вие сакате да го задржите добриот работник, но можностите се тие. Не може индустријата со максимум 150,000 вработени да издржува една цела држава. Се друго што е вработено е или администрација, или нешто што создава нова додадена вредност", коментира Маријана Перковска претседател на текстилниот кластер.

Колку значи системската поддршка за бизнисот доволно покажува искуството со странските инвеститори во Македонија. Во отсуство на детална анализа на надлежните, истражувањата на невладините организации дојдоа до податок дека Македонија потрошила најмалку по 21,000 евра за секое отворено работно место во некоја од фабриките што работи во зоните. Ваквите податоци дополнително ги фрустрираат домашните стопанственици кои постојано апелираат дека се дискриминирани во споредба со странските инвеститори:

„Странските инвестиции во ниту во еден момент нема да можат да ја извлечат Македонија од оваа ситуација, затоа што платите ќе бидат такви како што се, а тие добиваат плус и субвенции. Да се направи една анализа, ќе се види колкав е ефектот од парите што беа фрлени во ветар за странските инвестиции. А ако тие само се дадеа на домашните компании кои се занимаваат со производство? Странските инвеститори воопшто не значат нови работни места, туку миграција на работната сила, посебно за трудоинтензивните струки кои ги ангажираат а за тоа добиваат плус и субвенции од државата. Значи сето тоа е вештачки, затоа велам ние мора да одиме по земја и да имаме реални мерки. А тоа е поддршка исклучиво на индустријата, еднаш мора некој да стане и да каже дека ние ја поддржуваме индустријата и крај на приказната, тоа е основното прашање, водење на вистинска политика. Мора да се работи на изнаоѓање модуси, сега не е и толку платата, најголем број од овој бран што заминуваат се деца кои имаат услови за живеење но сега влијае вториот фактор кој што едноставно не сакаат да живеат во овој хаос. Ние мора да признаеме дека живееме во хаос", предупредува Перковска.

Најлоши услови за работа има во секторите каде се бара нискоквалификувана работна сила, а сознанијата на синдикатот укажуваат дека најчесто работниците се жалат на несоодветни услови за работа, несигурна плата и занемарување на основните работнички права загарантирани согласно законот и колективните договори:

Mazedonien Land und Leute Fabrik Nähbetrieb in Bitola
Фотографија: Nikos Pilos

„Квалитетот во однос на Европа е еднаков во физичкиот обем на работа, а економскиот дел и платите се далеку од европските. Дајте еднаш да направиме ако не европски, барем полу европски плати, ние ќе имаме двојно попродуктивни и поажурни работници. Значи имаме висок квалитет и активност во работењето, но за жал платите се 10 пати помали од тоа што е во Европа. Значи, работодавачот двојно ќе добие ако повеќе вложува во работникот, а за жал тоа не се случува во Македонија", изјави Павел Трендафилов, претседател на Синдикат за градежништво, индустрија и проектирање.

Во вакви услови според упатените е безмалку смешно да се очекува Македонија не само да ја задржи туку дури и да ја врати висококвалификуваната работна сила во земјата:

„Во таква ситуација, единствениот ефект од повиците за останување во Македонија е хуморот на социјалните мрежи. Потребни се темелни промени во нашата економија и општество за да се спречи масовниот бран на заминување на луѓето во странство. Потребно е да се зголемат работничките права, потребно е да се подобри системот на социјална заштита, потребно е да се подобрат јавните услуги и да се намали корупцијата и партизацијата, потребно е да се преземат сериозни мерки за намалување на невработеноста", коментира Јовановиќ.

Според анализите на Народната Банка продуктивноста во македонското стопанство во вториот квартал од 2015-та била 0.9%, а во првиот 1.6%. Таа се пресметува по формула - сооднос меѓу Бруто домашниот производ и бројот на вработени луѓе.