1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Зошто луѓето посегаат по животот?

Според статистиката на МВР, во минатата година имало 140 самоубиства и 158 обиди за самоубиства. Причина-растот на невработеноста, сиромаштијата и бесперспективноста кај цели слоеви од населението.

default

Бројот самоубиства во Македонија зголемен седумкратно во последните 4 децении

Во овој период најголем број на самоубиства - 122, извршиле лица на возраст над 30 години, додека 14 лица се регистрирани на возраст од 18 до 30 години. Мотивите и причините се разни. Од нервни растројства, чиј број е најголем, до болест, семејни расправии и прекинати љубовни врски. Најголем број лица посегнале по својот живот со бесење. Според начинот на извршување на самоубиството, на второ место, се случаите каде лицата си го одземале животот со употреба на огнено оружје, потоа со труење, давење и скокање од височина, како и со фрлање под воз. Штип имал лани најмногу – 35 самоубиства, но и 28 обиди за самоубиства. По него следат Струмица со 22 случаи, Скопје со 21, Битола со 17, Куманово со 15 и т.н.

Иако, не е во врвот на „црната листа“, Полошкиот регион и поконкретно Гостивар се, во секој случај, особено карактеристични кога станува збор за извршителите и нивните мотиви: лани во целата година во Тетовско и Гостиварско биле регистрирани 9 самоубиства и 32 обиди за тоа. Најмногу од овие бројки се однесуваат на гостиварскиот крај, каде што најбројни меѓу оние што кревале рака врз сопствениот живот се младите до 30 години и особено постарите малолетници – адолесценти.

Најчести причини, односно мотиви за посегнување по сопствениот живот се: душевните трауми и растројства од различни видови, семејните недоразбирања и караници во домовите поради беспарица и невработеност на родителите, потоа поради младешки и тинејџерски побуди - невозвратена љубов, болест и друго.

Со повеќе од 300 самоубиства за 11 години Штип на врвот на „црната листа“

Нелко Стојаноски, професор по социјална патологија на Филозофскиот факултет на Државниот универзитет во Скопје, како долгогодишен истражувач на појавата на самоубиствата во земјата, во врска со ова коментира за Дојче веле:

„Овие промени и проблеми од економска, политичка и социјална природа – невработеност, стечаи и така натаму, кои настанаа во општеството, често создаваат и кај младата популација чувства на очај и бесперспективност. Кога тие не гледаат никаква перспектива за својот живот, често се случува да оценат дека 'овој живот не вреди да се живее' и креваат рака врз себе. Тоа не значи дека тие не го ценат животот, туку оти сакаат да живеат во подобри услови, да им се оствари нешто подобро, но, што не им се овозможува во овој момент“.

Според една анализа, во последниве неколку години десетици очајни лица во Македонија, постари од 50 години, фатени во стапицата на сиромаштијата додека се измачувале да најдат работа, а не можејќи да се пензионираат, биле доведени во ситуација да го побарат излезот од поразителната ситуација – во самоубиство.

Штип во изминатите години беше регион со текстилна индустрија во процут, еден од водечките центри во тој поглед во земјата. Меѓутоа, економската криза од 2009-та година наваму затвори најмалку 300 работни места во таа стопанска гранка во овој регион. Сега и постојните вкупно околу 6 илјади „текстилци“ стравуваат катадневно до кога ќе имаат работа и плати за егзистенција на нивните семејства. Според официјалните полициски статистики, во изминативе 11 години токму Штип е на самиот врв во Македонија со извршени повеќе од 300 самоубиства, иако е општина со само околу 50 илјади жители. Повеќе луѓе се презадолжени, а не примаат плата, оптоварени се со по еден, или два кредита во деловните банки, или со „црвени“, долговни салда на банкарските картички, кои повеќе не можат да ги плаќаат, ниту пак сметките за струја и другите комуналии, „Ваквите тешки ситуации создаваат внатрешен конфликт кај личноста и се извор за појава и развој на самоубиствени идеи“ – коментираат психолозите.

„Самоубиствата во Македонија – сеизмограф за тектонските движења и силните промени во општеството“

Професорот Стојаноски нагласува:

„За да може да се споредуваат поодделни белези и подделни земји и региони, се прават социолошки анализи колку има самоубиства на 100 илјади жители. Македонија спаѓа меѓу земјите, кои се наближуваат кон средната стапка, бидејќи има од 150 – 180 одземања на сопствениот живот во последниве години, или некаде под 10 случаи на секои 100 илјади жители. Словенија има барем петпати повеќе, бидеќи има околу 800 самоубиства на приближно иста популација. Но, пред 40 –тина години во Македонија се случувале по 20 –тина самоубиства годишно, или за 7 – 8 пати помалку отколку сега. Ова треба да не загрижи како општествена заедница, како држава, што се случува во неа, за да доаѓа до ваква појава?

Selbstmord

„Да ги затвориме браните, оти ако дојде до поплава ќе биде доцна“

Професорот Стојаноски заклучува:

„Еден италијански истражувач на самоубиствата вели дека тие се некој вид ’фин сеизмограф', кој што укажува на текстонски движења во утробата на општеството, кои што означуваат силни промени и кои водат кон зголемена стапка на суицидалност. Јас би рекол фигуративно: би требало да ги поставиме браните навреме, за да не дојде до поплава. Оти, кога таа ќе се случи, ќе биде доцна. Иако појавата на самоубиствата во земјата засега не е толку загрижувачка, сепак, треба да се преземат одредени општествени чекори, за да не се влошува натаму ситуацијата.“

Неопходна ќе биде и, конечно, соодветна реакција на државните институциите на застрашувачките бројки, која се‘ уште ја нема. Потребни ќе бидат и едукативни центри и мерки за превенција и за спречување на самоубијците, кои, исто така, засега ги нема.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Ж.Ацеска