1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Зошто Кина инвестира на Балканот?

Иницијативата на „Змејот" на Балканот има за цел да се изгради инфраструктура за патот кон Запад, пишува австрискиот весник „Стандард“.

„Во кинеската митологија, змејот претставува симбол за богатство, среќа, љубов и интелигенција. На Балканот митскиот рептил исто така има позитивна конотација. Тој важи за силен и непобедлив. Инвестициите, од Кина во Централна и во Југоисточна Европа, се исто толку добро прифатени во регионот, колку што е и рептилот - симбол на азиската држава.

Зашто тие не само што му обезбедуваат на регионот релативно непроблематични кредити, туку и придонесуваат за конкуренција во кругот на инвеститорите - земјите на ЕУ, Турција и Русија. Колку повеќе алтернативи постојат, толку подобро балканските земји можат да си ја прилагодат својата стратегија и мораат помалку да попуштаат пред барањата на ЕУ“, пишува австрискиот весник „Стандард“, оценувајќи дека иницијативата на „Змејот" на Балканот  има за цел да се изгради инфраструктура за патот кон Запад. 

Повеќе на темата:

-Кина станува фактор на Балканот

-Кина преку Балканот влегува во ЕУ

-Кинескиот „Нов пат на свилата“- нова надеж за регионот

Griechenland Piräus Hafen (Getty Images/M. Bicanski)

Пристаништето во Пиреа

Почеток во Македонија

Кинеските инвестиции на Балканот, пишува натаму „Стандард“, започнаа повеќе години пред на големо најавуваната иницијатива „Еден појас - еден пат" (БРИ) во 2013 година. „Во Македонија, Кина инвестира од 2006 година наваму, во Србија од 2008 година, а во 2009 година кинескиот концерн Коско го купи пристаништето во грчката Пиреја. Кинескиот лидер Ши Џинпинг дури ја нарече Грција „порта кон Европа". Како резултат на тоа, Кина, исто така, вложи пари во пристанишната инфраструктура во Албанија и во Црна Гора. Во проширувањето на патната и железничката инфраструктура, инвестициите во енергетскиот сектор и кредитирањето во регионот економистите главно гледаат обид на Кина да си го отвори патот до Западна Европа. Централна и Источна Европа притоа треба да послужат како терен за тест. Во Источна Европа, кинеските инвеститори би можеле да научат како да ги имплементираат европските норми и стандарди.

4,2 милијарди евра веќе се инвестирани во Грција, а во Србија 2,6 милијарди евра - иако во овој контекст не се завршени сите проекти. Но, во 2016 година, Кина веќе беше четвртиот по големина трговски партнер на малата балканска држава. Кина не само што понуди кредити, туку и инвестираше во термоцентралата во Костолац. Во Македонија доспеаја 640 милиони евра од Кина, меѓу другото и за автопатишта, во Босна и Херцеговина, досега има само 350 милиони евра кинески инвестиции, со оглед дека многу проекти останаа само во најава“, читаме во „Стандард“.

„Кинеските амбиции, исто така, будат стравови во ЕУ. Се стравува дека корупцијата може да продолжи да расте поради 'евтините пари', а се знае дека геоекономскиот проект има и силна политичка страна. Виенскиот институт за меѓународни економски студии (ВИИВ) врши анализа во име на кинеската амбасада во Виена - до кој степен БРИ веќе има влијание врз трговската политика и инфраструктурата. За Австрија, Источна и Југоисточна Европа се навистина важни економски региони.

Досега кинеските инвестиции сочинуваат само 1,3 проценти од директните инвестиции во групата земји '16+1' (Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Македонија, Црна Гора, Полска, Словачка, Словенија), со што Кина сѐ повеќе соработува. За споредба, австриското учество во регионот е 19,1 проценти. Сепак, кинеските инвестиции речиси двојно се зголемија во последниве години. 

Кај многу проекти станува збор одобрувања на заем. 'Кинезите не бараат демократија и правна држава кога даваат пари', вели економистот на (ВИИВ) Роберт Штерер, што е уште една причина зошто тие се добредојдени. За разлика од ЕУ, Кина ја има предноста што може брзо и конкретно да употреби пари  од централната банка, токму поради тоа што станува збор за „полудиригирана економија“, ги цитира „Стандард“зборовите на колегата на Штерер, Марио Холцнер. 

Поврзување со добростоечките региони

„Покрај тоа, Кина со градење на подобра инфраструктура исто така ги намалува и сопствените трошоци за производство и извоз. Вкупно, Кина ќе инвестира 13 милијарди долари во групата '16+1'. За Западен Балкан овие средства се важни, смета Холцнер. Сепак, кинеските инфраструктурни проекти очигледно имаат и поважна цел за создавање на врски од Грција со северот. Кина сака да се поврзе со просперитетните региони на Европа...

Кина, која произведува вишоци и затоа сака да отвори нови пазари, во моментов купува 'речиси сѐ што се нуди' во групата држави '16+1', на пример, електрични централи и железарници “, вели колегата Габор Хунја, Но, овие купувања не следат никаков мастер план, а самата ЕУ на ова реагира бавно, со набљудување и сочекување, вели Штерер. Сепак, ВИИВ укажува дека претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, размислува за  можности за блокада на кинеските инвестиции. Во Централна и во Југоисточна Европа доминира надежта дека регионот може да стане кинески клучка, велат истражувачите на ВИИВ.“

На крајот од текстот весникот „Стандард“ ги пренесува зборовите на експертот од ВИИВ Холцнер кој истакнува дека и Австрија сака да игра улога во регионот, но предоцна забележала оти е направено премалку во минатото, особено за патните врски со истокот и со северот.

DW.COM