1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Зошто изборите во Шлезвиг Холштајн се важни?

Германија денеска (06.05) напрегнато гледа кон север - во покраината Шлезвиг Холштајн се одржуваат избори за покраинскиот парламент. Подемот на Партијата на пиратите ги мати сметките.

Никој не се сомнева дека Партијата на пиратите ќе влезе во покраинскиот парламент во Шлезвиг Холштајн, исто како што впрочем беше и во Берлин и Саарланд. Според последните анекти, за Пиратите би гласале девет проценти од избирачите.

Тоа за останатите партии значи дека веќе не можат да функционираат класичните коалиции - ниту онаа на христијанските демократи и либералите, ниту пак на социјалдемократите и зелените. ЦДУ и ФДП, според анкетите, би освоиле меѓу 36 и 38 проценти гласови, додека СПД и Зелените би добиле меѓу 43 и 45 проценти гласови. На двете формации би им бил потребен трет партнер за да можат да формираат влада.

Алтернатива на коалиција од тројца партнери, би била евентуално голема коалиција од ЦДУ и СПД. Двете партии, според актуелните анкети, би освоиле по околу 30 проценти гласови. Оној што ќе има помалку гласови, потоа ќе се обидува грчевито да не биде третиран како „помал“ партнер во владата. Со Пиратите, во Кил, никој не сака да крои сметки.

Schleswig-Holstein / Piratenpartei / Kiel

Пиратите доаѓаат и во парламентот во Шлезвиг Холштајн?

Она што веќе сега е познато е дека голем губитник на покраинските избори во Шлезвиг Холштајн ќе биде Партијата на левицата. Таа нема доволно свои приврзаници за да го мине цензусот од пет проценти, а гласачите кои на минатите избори поради незадоволство од другите партии гласаа за Левицата, сега ќе го дадат гласот за Пиратите.

За свој триумф веќе сега може да зборува Волфганг Кубики. Врвниот кандидат на либералите успеа со својот курс да ја извлече партија од дното на кое што со месеци се наоѓаше. Доколку ФДП успее на изборите во Шлезвиг Холштајн, тоа би можело да и‘ даде поттик на партијата и на наредните покраински избори - за една недела (13.05) во покраината Северна Рајна Вестфалија. На тој начин дури и канцеларката Меркел би можела полесно да преболи доколку нејзината ЦДУ не биде дел од владата во Шлезвиг Холштајн. Главно - нејзиниот коалиционен партнер во Берлин - ФДП, би добил повторно шанса за враќање на сојузната политичка сцена, каде со месеци тоне се‘ подлабоко.