1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто е нужна анти-ИД коалиција со Русија

Инго Мантојфел/превод:З. Јордановски19 ноември 2015

Русија предлага создавање меѓународна коалиција за борба против џихадистите... Заедничка анти-ИД коалиција со Русија, вистински сфатена, има смисла, смета Инго Мантојфел.

https://p.dw.com/p/1H8wM
Фотографија: picture-alliance/dpa

Сега е момент за коалиција со Русија во борбата против таканаречената ИД (Исламска држава). Се чини дека во таа насока размислуваат и Оланд и Обама, претседателите на Франција и на САД. Кон тоа треба да се прилучи и Германија - но без илузии за партнерство со Русија и без идеи дека на Блискиот Исток, кој доживува слом, во наредните години ќе настанат предели во процут откако сирискиот претседател Асад ќе биде потиснат од власт.

Потребна е реална политика

Рускиот претседател Путин, се разбира, во духот и не е вистински партнер. Агресивната политика на Кремљ против Украина и руската анексија на Крим, спротивна на меѓународното право, не смеат да бидат заборавени. Принципиелно би морале да останат во сила санкциите што поради тоа беа воведени против Русија. Се разбира дека сирискиот диктатор Асад уште помалку е вистински партнер. Конечно, тој е еден од предизвикувачите на спиралата на насилство во неговата земја. Неспорна е неговата одговорност за половина милион мртви луѓе и за бранот бегалци.
Интересот на Путин за коалиција против ИД не е резултат на хуманитарно убедување, туку на сосем јасни геополитички интереси. Сигурно дека Кремљ го користи западниот шок поради терористичките напади во Париз за да ја надмине неговата меѓународна изолација, да ја спроведе својата политика и повторно да се зацврсти како призната велесила. Руската дипломатија за поддршка на Асад од 2011. година исто така носи дел од вината за војната во Сирија.
Но, значи ли сето тоа дека анти-ИД кооперација со Русија, а со тоа фактички и со Асад, треба да биде целосно отфрлена? Во никој случај! Меѓународните проблеми не можат да се решат само во пријатен амбиент на истомисленици со некаков перфектен резултат.

Mannteufel Ingo Kommentarbild App
Инго Мантојфел

Да не се заборави: Турција, членка на НАТО, и Саудиска Арабија исто така носат вина за војната во Сирија. А и во групите во таканаречената Слободна сириска армија, кои се против Асад, има и претставници од кои може да се очекува по неговото соборување да извршат геноцид врз милиони Алевити. Дали се сите тие подобри партнери-истомисленици? И последното признание: многу денешни проблеми во регионот се создадени дури по опасната интервенционистичка политика на САД во времето на претседателот Џорџ Буш јуниор.

Конкретни цели и услови

Да скратиме: наместо морални декларации со кого се’ не би смеело да се соработува, нападите од Париз треба конечно да доведат до јасно фокусирана реал-политика. За тоа се наопходно конкретни цели и услови: Прво, исламската секта на таканаречената ИД мора да биде целосно разбиена - во Сирија, Ирак, а и во Европа. Тука спаѓа и да се изврши притисок врз поддржувачите на ИД во земјите во Заливот и потесно воено усогласување со Русија. Конечно, нема никаква полза од тоа да се ламентира дека Москва во Сирија се закотви со сопствена воена база и дека е важен фактор. Засега би требало да ни е сеедно дали Путин од тоа ќе извлече пропагандистичка предност - се’ додека Западот остане цврст во својата политика спрема Украина.
Второ, по разбивањето на ИД мора целиот регион на Средниот Исток да биде смирен и стабилизиран - сигурно по висока цена во осататокот од Сирија Асад да остане на власт. Оти, алтернатива би било натамошно вртење а спиралата на насилство, исто така и бескрајни страдања, како и опасност пожарот да се прошири кон Европа, Африка и Азија.