1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Зошто е „закочен“ законот за инвалидите?

Инвалидите во Македонија се‘ уште го чекаат од парламентарците усвојувањето на Законот за заштита на правата и достоинството, поднесен преку прва голема граѓанска иницијатива со 19 896 гласа.

„Целта на ваквиот закон не е да создаде нови права, туку  во основа  е збир на континуирани, осмислени механизми. Овој закон претставува системски имплементирачки закон каде што имаме збир од координирани насоки, норми, механизми и тела кои треба да овозможат постоечките права ефективно да бидат имплементирани. Односно да се создадат услови за еднакви можности за  подостоинствен живот на лицата со хендикеп‘‘, појаснува за Дојче веле Елена Кочоска, програмски раководител во невладината „Полио плус‘‘  која го предложи законот.

Законот бара контрола на средствата кои државата ги издвојува за лицата со хендикеп

Пратениците во  македонскиот парламентот уште пред шест години ја изгласаа  потребата од донесување на ваков закон.

„Но потоа истиот беше повлечен со цел да се овозможи усогласување со ставовите на владините институции, а за тоа се  формира Работна група при Министерството за труд и социјална политика. Но оваа Работна група во тоа време поради политички причини-изборите, за жал не заживеа и нејзините членови континуирано се менуваа‘‘.

Кочоска, одговара на суштественото прашање, зошто и по шест  години не е донесен законот?

„Дел од владините институции сметаат дека овој закон е премногу напреден за Република Македонија и дека ќе предизвика големи финансиски импликации. Но тоа во основа не е точно, затоа што во земјава се издвојуваат големи средства, за и во името на лицата со хендикеп, но тие погрешно се дистрибуираат. Токму овој закон  во основа бара контрола на средствата кои државата ги издвојува  за лицата со хендикеп, а кои одредени центри на моќ како монопол ги контролираат. Токму со овој закон,  ние тоа  сакаме да го спречиме‘‘, потенцира Кочоска.

Таа  во името на лицата со хендикеп   револтирано вели дека тие треба да ги имаат сите права како  и останатите граѓани и заклучувa:

„Во Македонија се‘уште преовладува медицинскиот пристап кон прашањето на хендикепот. Она за што ние за заложуваме е промена на парадигмата дека прашањето на хендикепот не е болест, не е грев, не е божја закана и казна.Тоа во основа е нарушена комуникација помеѓу човекот и општеството и исклучиво треба да биде разгледувано од аспект на човековите права. Тоа прашање не е само на Министерството за труд и социјална политика тука и на останатите министерства и  на сите  граѓани и институции‘‘ , заклучува Кочоска.

Примената на законот ќе значи и примена на Конвенцијата за овие лица на  ООН

Токму  донесувањето на овој закон ќе значи и доследна примена  на Конвенцијата за заштита и унапредување на правата и достоинството на лицата со хендикеп  усвоена од Обединетите Нации, а  која ја прифати и Република Македонија. Бранимир Јовановски, претседател на Националното координативно тело за еднакви права на лицата со инвалидитет, апелира до пратениците за што поскоро донесување на овој закон кој ќе ги штити нивните права. Тој потенцира:

„Во последно време со Законот за вработување на лицата со инвалидност, голем број од овие лица успеаја да се вработат, а со што се подобрија некои наши права. Но ние се‘уште се соочуваме со други, пред се‘ архитектински бариери за пристап до јавните институции и високообразовни установи. А  најголем проблем ни е неможноста  да ги набавиме потребните, скапи  ортопедски помагала, а со што непречено би се вклучиле како рамноправни граѓани во сите општествени пори‘‘, потенцира Јовановски.