1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Зошто ЕЦБ не ги објавува записниците од седниците?

Во Европската централна банка често се водат жестоки дискусии, како на пример за купувањето државни обврзници од земјите во криза. Но, протоколите од седниците остануваат тајна цели 30 години. Зошто?

Претседателот на ЕЦБ Марио Драги, според еден извештај на „Зиддојче цајтунг“ размислува околу тоа - протоколките од седниците на Советот на ЕЦБ да бидат објавувани. Кај другите централни банки, како ФЕД во САД или Банк оф Енгланд, тоа одамна се прави - тие ги објавуваат протоколите неколу недели по одржувањето на седниците. ЕЦБ, пак, ги држи протколите под клуч цели 30 години.

Тоа лежи во посебноста на ЕЦБ. „Дискусиите во ЕЦБ се многу потешки, затоа што таму се застапуваат и различни национални интереси“, вели Томас Хартман-Венделс, директор на Институтот за банкарство на Универзитетот Келн. „Тоа во една банка која преставува само една држава не е случај“.

Затоа, при основањето на ЕЦБ во 1998. година, беше заклучено - протоколите од седницата на Советот да се држат во тајност 30 години. Тоа требаше да обезбеди членовите на Советот да дебатираат за вистинското ниво на камати не како застапници на интереси на националните држави, туку како неутрални

Mario Draghi

Претседателот на ЕЦБ Марио Драги

Европејци. Долгиот период на тајност на протоколите беше смислен за нивна заштита, вели Јерг Кремер, главен економ во Комерцбанк. „На тој начин требаше да се обезбеди претставниците на одделни национални централни банки да не бидат дома мета на критика од сопствената публика доколку се одлучиле за работи кои се во европски интерес, а кои можеби не се по волја на сопствената земја“.

Ваквиот аргумент, според Кремер, денес веќе не држи. Централната банка се промени и определувањето на основната каматна стапка за еврозоната не е веќе нејзина единствена задача. „Таа во меѓувреме де факто делумно ги финансира државните издатоци на периферните земји“, вели Кремер. „Затоа националните централни банки во Советот на ЕЦБ се‘ повеќе ги застапуваат своите национални интереси. Но, ако е така, тогаш јавноста има право да знае кој што застапува и со какви аргументи“.

Штетно за јавни дискусии?

Келнскиот професор Хартман-Венделс е скептичен. Тој смета дека објавувањето на протоколите би било штетно за контроверзните дискусии во ЕЦБ. Конечно, никој не би сакал со прејасна критика да ги направи финансиските пазари несигурни. „Нема да може толку отворено и слободно да се дискутира, туку ќе мора да се агрументира претпазливо. Дали е тоа во служба на наоѓањето решенија е прашање“, вели Хартман-Венделс.

Последниот голем спор во Советот на ЕЦБ се одвиваше околу тоа дали да се купуваат државни обврзници на презадолжените држави. Шефот на ЕЦБ Марио

Bundesbank Jens Weidmann

Првиот човек на германската Бундесбанка Јенс Вајдман

Драги по седницата изјави само дека имало еден глас против. Тој не наведе имиња, иако беше јасно дека против гласал шефот на германската Бундесбанка, Јенс Вајдман. Затоа, Хартман-Венделс во објавувањето на протоколите гледа обид за замолчување на Вајдман.

Кремер од Комерцбанк, пак, е на поинакво мислење: „Тој (Јенс Вајдман) нема да биде замолчен, туку напротив - секој во протоколот ќе може да прочита која централна банка каква позиција застапува“. Освен тоа, според него „се работи и за тоа да се информираат граѓаните“. Затоа, според Кремер, идејата за објавување на протоколите од седниците на ЕЦБ е добра.

Европската централна банка официјално се‘ уште не се изјаснила околу ова прашање. Според наводи на портпарол на ЕЦБ, таква одлука би моралa да биде донесена од страна на Советот на ЕЦБ, со просто мнозинство.