1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Зошто до самиот крај беспрекорно функциониралa Хитлерова Германија?

Зошто Германците во 1945-та година до самиот крај жестоко се бореле. Зошто никој не се осмелил на бунт против Хитлер и неговите вазали? Британскиот историчар Јан Кершоу се обидува да одговори на овие прашања.

default

Германската насловна страница на книгата „Крајот - борба до пропаста“ на Јан Кершоу

Со неговата 2000 страници опсежна биографија за Хитлер, британскиот историчар Јан Кершоу на крајот од 90-те години стана меѓународно познат во светот на историчарите. Во својата актуелна книга „Крајот - борба до пропаста“, овој 68-годишен историчар се занимава со прашањето зошто т.н Трет Рајх дури и во апокалиптичната фаза пред самиот крај на Втората светска војна функционирал релативно лесно. Во Германија биле исплатувани плати дури и во април 1945-та година, музичарите од берлинската филхармонија одржувале концерти, Бајерн Минхен играл фудбал, а на германските војници им било испорачувано оружје и муниција. Дури и снабдувањето со прехранбени производи на населението се до последните денови од војната било редовно , иако овде или онде, разбирливо имало недостаток.

Прускиот милитаризам

60 Jahre Danach - Artikel - Ian Kershaw

Британскиот историчар Jан Кершоу

Јан Кершоу во својата книга го поставува прашањето, како било возможно тоа. Зошто германскиот народ до неодложната пропаст го трпел лудилото на војната, без да се спротистави како што го направил тоа во ноември 1918 година? „Одговорот е сосема едноставен“, смета Кершоу. „Теророт. Теророт на нацистичкиот угнетувачки апарат бил толкав што револуција од долу била незамислива“ Тоа е, наведува Кершоу, главната разлика во однос на крајот на Првата светска војна . Во 1918-та година во Германија постоеле парламент, политички партии па дури и мировно движење, немало Гестапо, а ни непријателски војници на германско тло. „Ситуацијата во 1918-та година била сосема поинаква од 1945-та година. И во последните недели на Втората светска војна теророт бил доволно силен за да се отстрани можноста за револуционерна закана за режимот“, наведува Кершоу.

Тој на сликовит начин во своето 700 страници долго дело ја анализира пропаста на Хитлеровиот Рајх. Она што импресионира е познавањето на деталите со кои овој Британец ги опишува заповедните структури на т.н Трет Рајх.

Кершоу се прашува, зошто дури и високите и највисоките генерали на Вермахтот ги слушале Хитлеровите заповеди кои станувале се постраотни и нереални.

Од една страна причина биле кобните традиции на прускиот милитаризам кои имале оставено трага а од друга страна нацистите одлично знаеле како за свои цели да ги искористат војничките термини како „должност“ и „чест“.

Разлики меѓу Италија и Германија

Achse Berlin-Rom Hitler und Mussolini

Адолф Хитлер и Бенито Мусолини

Сепак главното објаснување на Јан Кершоу за таа бизарна послушност на Германците е од структурна природа. Имено за разлика од на пример фашистичка Италија нацистичка Германија навистина била „држава на фирерот“, значи држава со еден владетел. Бенито Мусолини цело време додека бил на власт морал да има обзири кон кралот Виктор Емануел Трети и кон „Големиот фашистички совет“, кој го тргна од власт во јули 1943-та година. Значи де факто станувало збор за поделба на власта. Нешто слично во Германија не постоело. Хитлер не морал пред никого да одговара, немало никаква институција со која тој требал да ги усогласува постапките. И со оглед дека фирерот Хитлер одлучил војната да заврши со самоуништување, германскиот народ тешко дека имал поинаков избор, отколку да го следи со помалку или повеќе приговори.

И во својата нова книга Јан Кершоу се докажува како мајстор на „наративниот историски запис“. Во историографски поглед овој британски историчар нуди јасна и впечатлива интерпретација на последните месеци на војната.

Автор: Гинтер Каиндлсторфер/ Симе Недевски

Редактор: Борис Георгиевски