1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Зошто Германија е мачката, а Србија глушецот?

Во српските весници може да се чита за „Четврти рајх“ и за „демократски фашизам“. Историчарите и конзервативните политичари ја обвинуваат Германија дека ја уценува Србија кога станува збор за Косово.

Германскиот претставник на преговарачката маса нема глава, туку на нејзино место е предимензионирана стисната тупаница. Со оваа карикатура српскиот конзервативен весник „Вечерње новости“ доловува на кој начин многу Срби ја доживуваат германската политика кон Србија. Драган Симеуновиќ од белградскиот Факултет за политички науки смета дека подлабоките политички односи на двете земји се очигледно затегнати. „Причината е пред се’ ставот на Германија кон српската позиција за Косово.“, вели Симеуновиќ. .

Спорно Косово

Иако Косово прогласи независност уште пред 5 години, владата во Белград не го признава како држава. Премиерите на Србија и на Косово веќе осум пати се сретнаа под покровителство на ЕУ, но преговорите завршија без конечно решение. Белград и натаму бара широка автономија за косовските општини во кои мнозинството од населението е српско. Владата во Приштина тоа го одбива.
На крајот на март, делегација на германски парламентарци во Белград бараше Србија да го реши тој проблем и да постигне договор со Приштина. Инаку српската влада не може да смета дека ќе добие датум за почеток на пристапни разговори со ЕУ. А такво мислење има и ЕУ. Германија во Србија ја доживуваат „како најголема и најмоќна земја во ЕУ“, а со тоа и одлучувачки фактор кога ќе се решава за пристапување на Србија во ЕУ, истакнува Симеуновиќ.


„Ако ја почитувате автономијата на Аладинските острови (каде повеќе од 90 проценти од населението зборува шведски и кои уживаат широка автономија во рамките на финската држава), кои имаат извршна, судска и законодавна власт, а истрајувате на тоа војската на Тачи да дојде на северот на Косово, тогаш не може да ве доживуваме поинаку освен како непријатели“, истакнува пак историчарот Чедомир Антиќ.
Она што со години синхронизирано го повторуваа српските но и европските политичари, дека Косово и европскиот пат на Србија се одделни работи - сурово е разбиено. Сега српската влада балансира со двата проблема на иста маса. Антиќ смета дека Србија моментно може да влезе во ЕУ само како „покорена земја“. „Дали распадот на Србија е цена за нејзината европска иднина? Сакаме ли некој влез во Европа Ц или Европа Д да го дочекаме како европски Курди“, се прашува Антиќ во разговорот за ДВ.
Ни 5 земји од ЕУ не го признаа Косово како независно. Тоа се Шпанија, Грција, Кипар, Романија и Словачка. Берлин беше меѓу првите кои го поддржаа Косово.
Драган Симеуновиќ смета оти српските медиуми градат слика за Германија како држава која е најтврда во поглед на Косово. „Во деведесетите години имавме обратна ситуација кога народот во Германија, благодарејќи на медиумите, стекна лоша слика за Србите“, тврди Симеуновиќ.

Германија профитираше од распадот на Југославија?

Кон негативниот став на Србија кон Германија придонесе и германската поддршка на Хрватска и за Словенија кога тие во 1991 година прогласија независност. Според мислењето на историчарот Антиќ, Германија профитирала од распадот на Југославија. Токму југословенските воени години ја вратиле Германија на големата сцена, смета Антиќ, кој улогата на Берлин во тие години ја дефинира како „безрезервна поддршка за словенечкиот и хрватскиот национализам“.

Германија тогаш доби улога во Европа. Таа повеќе не е само економски силна членка на НАТО, туку клучна земја во Контакт групата. Од деведесетите години наваму, Германците и Австријците ја имаат позицијата на висок претставник во БиХ и на прв човек на УНМИК на Косово“, вели тој.
Антиќ верува дека за светот би било неприфатливо Германија да се определи за една страна во конфликт кој би се случувал на пример во Чехословачка, Полска или Франција. „Само кога станува збор за Балканот, се превидува улогата на Германија во Втората светска војна, а таа војна имаше големо влијание и на случувањата од деведесетите години“, вели историчарот. Од своја страна професорот Симеуновиќ потврдува оти за нацизмот останале и големи предрасуди, но дека тие „не би траеле доколку актуелните политики на Германија и на Србија би вложиле повеќе напор“.
Радикалните колеги на Антиќ одат чекор натаму, нарекувајќи ја денешната германска политика „демократски фашизам“. Чедомир Антиќ смета дека тоа е претерано. „Секако дека не мислам да речеме оти германските христијански демократи се фашисти и расисти, но сметам дека Германија ја користи Србија за да ги излечи фрустрациите од 20. век. Искористени сме како 'народ злодушник' на Европа за да ја релативизираме вината која Германија мораше да ја признае илјада пати - но кон Србија не ја призна. Не мислам дека некој треба доживотно да се извинува поради нешто што нема врска со него и со нешто со што ни неговите родители немаат врска, но мислам оти не е во ред историјата да им се повторува само на Србите“, кажува Антиќ.

Малку се знае за поддршката на Германија

Понекогаш во Србија се заборава дека токму од Германија стигнале најмногу пари по падот на режимот на Слободан Милошевиќ. Тоа е, смета професорот Симеуновиќ, грешка и на самата Германија која доволно не „изрекламирала“ се што сторила за Србија. „Како тоа тие тука даваат пари, а тоа никој не го знае? Кога луѓето тука би знаеле дека Германија давала и за греењето по падот на Милошевиќ на петти октомври 2000 година, тогаш Србите би гледале подобро кон Германците, тогаш сите историски причини би делувале помалку важни“, вели Симеуновиќ кој својата докторска дисертација ја одбранил токму во Германија.
Од друга страна, Антиќ смета дека дури ни реформската влада на Зоран Ѓинѓиќ немала искрена поддршка од Германија. Односите меѓу Берлин и Белград од 1991 година до денес, тој ги гледа како „садистичка игра на мачка со глушец“. Тој смета оти Германија можела да го „пресече“ проблемот во 1995 година, кога е звршена војната во поранешна Југославија или во 1999 година, по интервенцијата на НАТО во Србија, но дека надмоќта ја користела да ја наведе српската политичка елита да ја спроведува нејзината политика.
Симеуновиќ ги советува германските политичари да покажат повеќе суптилност во настапите кон Србија. Со интензивна дипломатија би се постигнало повеќе. Двете земји би требале да ги интензивираат своите културни односи. Дури и тоа би придонесло до подобро меѓусебно разбирање.