1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Зоран Јовановски заминува од СДСМ

Досегашниот потпретседател и кандидат за лидер на СДСМ, Зоран Јовановски, ден по изборот на Зоран Заев за претседател на партијата, најави дека го напушта политичкиот ангажман и се враќа само на професионалниот.

„Јас во мојот живот никогаш не сум калкулирал, туку сум се однесувал чесно и достоинствено. Така влегов во оваа приказна, така и излегувам. Ќе продолжам и понатаму да се борам за вредностите во кои силно верувам, но отсега тоа ќе го правам на лично, индивидуално ниво. Од денес се враќам во полн капацитет на мојот професионален ангажман“, рече Јовановски.

Тој се заблагодари на досегашниот претседател Бранко Црвенковски за честа и можноста што му ја дал во изминатите четири години да биде потпретседател на партијата, како и на делегатите кои на вчерашниот Конгрес гласале за него.

„Сакам јавно да му ја честитам победата на новиот претседател Зоран Заев и да му посакам среќа во иднина“, рече Јовановски.

Според него, вчерашниот Конгрес поминал во убава, демократска атмосфера, онака како што доликува на една голема, силна и моќна партија. Со тоа се заокружи постапката за избор на претседател на СДСМ, која била демократска, отворена, транспарентна, и со која се поставиле нови стандарди во политичкото функционирање во Република Македонија.

„На Конгресот пред делегатите беа понудени концепти и визии за функционирањето на СДСМ во наредниот период и тоа концепти и визии кои суштински се разликуваат. Делегатите пред себе ја имаа шансата да го насочат СДСМ по патека која е нова и поинаква, но, тие направија друг избор и јас тоа целосно го почитувам. Притоа, не сакам да бидам било каква пречка за реализација на концептот кој што беше избран. Впрочем, вистинското единство отсекогаш сум го сфаќал како единство околу избран концепт“, рече Јовановски.