1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Зовриените состојби во ИВЗ пред претекување?

Во Исламската верска заедница во Македонија врие. Надлежните се обидуваат да ја смират состојбата оти ближи Рамазан, но разрешениот оџа не отстапува од намерата да го симне од функцијата поглаварот на ИВЗ.

default

Има ли решение за проблемите во кои се наоѓа ИВЗ?

Тензиите во Исламската верска заедница во пресрет на светиот месец Рамазан не стивнуваат. Разрешениот оџа Рамадан Рамадани продолжува со акцијата на собирање потписи за смена на поглаварот Сулејман Реџепи. Во одбрана на духовниот водач на муслиманите во Македонија денеска застана скопското муфтиство. Џамиите се места за молитва, а не места за политичка пресметка, му порача на Рамадани имамот Невзат Амети од село Кондово, по денешната редовна седница на Муфтиството на ИВЗ Скопје.

„Да не ги манипулира џематот и верниците, да не се повикува во име на џематот на Скопје зашто џамиите се места за молитва, а не места преку кои тој се обидува да инсталира политички и вехабистички движења“, изјави Амети.

Исабеговата џамија во центарот на Скопје е под контрола на Рамадан Рамадани.

Mazedonien - Land und Leute

Првиот човек на ИВЗ, Сулејман Реџепи

Протераниот џемат Касеми Шабани денеска се пожали дека вработените не можат да влезат во Иса бег џамијата ако немаат исто мислење со Рамадани. Нему местото му е во Авганистан, нека се врати таму, нема тука што да бара, изјави Шабани.

Рамадани со контраобвинувања

На обвинувањата на ИВЗ, Рамадани одговори со контраобвинувања. Вели дека е решен да го симне од функцијата претседателот на ИВЗ Сулејман Реџепи.

„Јас и во Иса бег џамијата и во другите скопски џамии предавам како што предавале моите претходници оџи, тука во Скопје, нема такво делење и сите овие обвиненија се стари и јас веќе неколку пати одговорив. Тие треба да одговорат на многу обвиненија кои се подигнати против нив во јавноста - за аџилакот, за омаловажување на оџите кои ги пријавиле во завод за невработени и ред други работи за кои досега требаше да одговорат како достоинствена верска заедница“, изјави Рамадани.

Жестоките превирања на релација ИВЗ -приврзаници на Рамадан Рамадани пред неколку недели прераснаа во инцидент. Наместо петочна молитва, скопскиот муфтија беше избркан со клоци и тупаници.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM