1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ЗНМ: Владата има намера да го контролира СРД

ЗНМ ја обвини Владата дека со предложените промени во составот на Советот за радиодифузија сака да оствари целосна контрола врз ова регулаторно тело. Ставот на ЗНМ го поддржаа и Самостојниот синдикат на новинари и МИМ.

default

„За нас е неспорно дека намерата на предлагачите на законот, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и на Владата се јасни, а тоа е да остварат комплетна контрола врз Советот за радиодифузија“, изјави денеска Насер Селмани, претседател на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), на заедничката прес конференција на ЗНМ, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Македонскиот институт за медиуми, во врска со последниот предлог за измени и дополнувања на законот за радиодифузија.

Од ЗНМ велат дека доколку предлагачите на законот останат до крај на нивната намера да го изгласаат законот, Здружението на новинари сериозно ќе го разгледа учеството на нивните членови во Советот за радиодифузија.

Според претседателот на ЗНМ несфатлива е брзината со која предлагачите на законот сакаат да ги донесат измените, без да се даде можност на експертската јавност на новинарите и на здруженијата и НВО кој се занимава со медиумската сфера, да го кажат своето мислење. „Посебно во земји каде што има проблеми со слободата на медиумите и каде секојдневно како земја добиваме критики за слободата на медиумите е несфатливо носењето на вакви важни суштински измени на законот за радиодифузија кое е регулаторно тело кое се грижи за независноста на електронските медиуми“, рече Претседателот на ЗНМ и додаде дека новата Влада ќе има сериозни проблеми во Брисел каде ќе треба да објасни зошто се донесени овие измени на законот.

Билјана Петковска, извршен директор на Македонскиот институт за медиуми упати апел предлогот на законот да биде повлечен и да се направи јавна дебата каде ќе бидат вклучени сите кои се засегнати со оваа проблематика. „Секој потег кој остава простор за сомневање дека се става рака врз независноста на медиумите бара и заслужува координиран и јасен одговор на медиумската заедница и Синдикатот е дел од таа заедница и нема никакви дилеми дека дисциплинирањето на медиумите во крајна рака е дисциплинирање на луѓето кои работат во нив, загрозување на нивното право на професионален и независен ангажман ослободен од уцени, притисоци или обиди за корупција“, порача Тамара Чаусидис, претседател на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

ЗНМ, МИМ и Синдикатот најавија дека ќе ги информираат сите важни странски институции за донесувањето на спорните измени на законот за радиодифузија и ќе делуваат заеднички предлогот да биде повлечен.

Автор: АТ/ макфакс

Редактор: Борис Георгиевски