1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Самостојност на Македонија

Знамето - спорен симбол во Македонија

Актуелното македонско државно знаме е усвоено во Собранието во октомври 1995 година. Авторите и иницијаторите се присетуваат на деновите на неговото усвојување.

default

На денот кога се конституираше првиот плуралистички парламент, во јануари 1990-та, пред неговата зграда се вееја републичкото црвено знаме со петокрака, симболот на комунистичкиот систем во Македонија, заедно со поранешната југословенска тробојка. Една ноќ, на самиот почеток од деведесетите, „млади патриоти“, како што самите се нарекоа, ги симнаа од јарболите. Полицијата никогаш не ги откри или не сакаше тоа да го стори и затоа таквиот чин беше само навидум кривично дело. Народните избраници го примија овој сигнал, како повод за изработка на првиот симбол на самостојната држава.

„Притисокот беше силен, од ВМРО-ДПМНЕ, да се промени грбот, знамето, химната. За грбот отпорот не беше толку силен, колку за знамето како симбол на државноста, суверенитетот, идентитет на Македонија“, евоцира спомени Тито

Навивачите знаат ретко да го истакнат знамето со сонцето од Вергина на спортските борилишта

Навивачите знаат ретко да го истакнат знамето со сонцето од Вергина на спортските борилишта

Петковски, доајенот на политичката сцена, пратеник во сите досегашни состави на независна Македонија.

Идејата за ново знаме во 1992 година, по јавниот конкурс, ја даде академскиот сликар Костадин Танчев-Динка, но во парламентарната полемика, се промени неговата првобитна верзија како – црвено знаме со 16 краци и сонцето од Вергина-Кутлеш, вели Петковски кој ја предводеше собраниската комисија за државните симболи.

„Со таквиот изглед на знамето бевме изложени на жесток притисок не само од Грција, туку и од ЕУ. Затоа и се размислуваше за негово ново обликување, со силно влијание на претседателот Киро Глигоров и неговиот авторитет, поддржан од група интелектуалци. Беше определен професорот Мирослав Грчев да скицира нов изглед на македонското знаме“, вели Петковски.

Сонцето од Вергина остана симбол на дијаспората

Авторот на идејата, за Дојче Веле се присетува:

„Добив задача од Владата, со дискреција, да направам студија за ново знаме, што би коинцидирало со завршувањето на преговорите со Грција, околу Времената спогодба. На овој проект не му пријдов со емоции кон предходното шеснаесеткрако знаме“, објаснува универзитетскиот професор Мирослав Грчев.

Грбот на РМ

Грбот на РМ

„Ние многу лесно се откажавме од нашето создаделно, родено и државотворно знаме од 1944-та година, црвено знаме со петокрака и од него се откажавме без никакви драми, за сметка на симболот од Вергина, што иако стар амблем, беше пронајдено во1987 година“, вели тој.

Знамето од Вергина, како што вообичаено се нарекуваше, по само три години, остана само симбол за дијаспората. Поретко, како револт кон грчките вета, навивачите знаат да го истакнат на спортските борилишта.

„Под пресија на Грција и непосредно пред потпишувањето на Времената спогодба со соседот, на 5 октомври 95-та, два дена по атентатот врз претседателот Глигоров, Собранието го смени изгледот на еден од македонските државни симболи“, вели Петковски.

Авторот не го препознал знамето

Авторот на актуелното знаме професор Грчев се присетува дека направил 12-ина стилизации на сонце, со различни интерпретации.

„Кога беше завршен проектот го предадов на претседателот Глигоров пред атентатот, а чув дека Собранието, со конзенсус го прифатило новиот изглед на знамето, но кога го видов се изненадив зашто забележав дека тоа не е мојата оригинална макета“.

Но Грчев не знае кој го дообликувал во конечната верзија. Тој потсетува дека паралелно со знамето се работеше и на нов државен грб, што потоа беше привремено суспендирано, објаснува архитектот и дизајнер Грчев, идеен творец на актуелното знаме – црвено со жолто сонце од кое тргнуваат осум зраци.

Тој, за ДВ се присетува дека во динамичните денови на дефинитивниот изглед на новиот државен симбол директно влијание имал екс-министерот за надворешни Љубомир Фрчкоски, со непосредно набљудување од шефот на државата Глигоров.

Со актуелното македонско знаме земјата го има местото на јарболите пред ОН во Њујорк. Во изминатава година, во Македонија се поставени 50 метри високи челични столбови, со осветлување кон распнатите и големи знамиња, како симболи на државноста. Ги има на секој граничен премин, на главните влезови во градовите, а особено се видливи, по својата густина, во Скопје.

Албанците не се идентификуваат со знамето

„Со ова знаме сеуште не се идентификуваат сите Македонци, но неговото јавно и трајно истакнување на високи јарболи, го гледам како политичко кокетирање на ВМРО-ДПМНЕ, што создава отпори кај Албанците“, оценува Алајдин Демири, универзитетски професор. Како екс-градоначалник на Тетово, заедно со

Mazedonien Land und Leute Flagge

тогашниот, но и актуелен прв човек на Гостивар Руфи Османи, беа осудени и одлежаа затворски казни, поради истакнувањето на албанско знаме пред општинската зграда, што во 97-та беше забрането. Поради тоа интервенираше полицијата, а во немирите со демонстрантите имаше и загинати.

Демири за ДВ, деновиве од дистанца коментира: “Не беше во прашање реакција само за знамето, туку подеднакво беше и барањето за третманот на албанскиот јазик и ние сакавме да ја отвориме побрзо пандорината кутија. Инаку знамето што го користат Албанците во Македонија (црвено со двоглав орел н.з.) е автохтон израз за нивно изразување. Тоа не е државно знаме на сите Албанци“, вели Демири.

Петковски пак потврдува дека имало силен притисок, повеќе од една група професори и интелектуалци, одошто од партиите ПДП и ДПА, да се промовираат државни симболи на Македонија што ќе ја асоцираат мултиетничката структура на општеството.

Денес, во локалните средини со доминантно албанско население главно се истакнува црвеното знаме со двоглав орел, што е симбол на соседот Албанија, но со кое се идентификуваат и Албанците во Македонија. На индиректен начин во истакнувањето на симболите на државноста паралелно провејуваат македонското и албанското знаме.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска