1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Знае ли некој што треба да биде „економската влада“ на ЕУ?

Шефовите на држави и влади на европските држави постигнаа само принципиелна согласност околу заедничката економска политика. За некаква „заедничка економска влада“, како што се најавуваше, фактички не станува збор.

default

„Економска влада“ беше терминот што со сигурност најчесто можеше да се слушне на најновиот самит на ЕУ. Проблемот се чини дека е во тоа што или никој не знае за што точно станува збор или, пак, секој од учесниците на самитот имаше поинаква замисла за тоа што треба да биде и како да функционира таа фамозна „економска влада“. Општо може да се каже дека оваа идеја подразбира некаков вид на потесно договарање меѓу европските партнери околу заедничката економска политика. Бидејќи по должничката криза и кризата на еврото дефинитивно стана јасно дека не е можно да се има заедничка валута, а да се не се води подобро координирана, ако не веќе и заедничка економска политика на членките.

Koj ќе седи во економската влада?

Но, на самитот и покрај бројните разговори и преговори, сепак не беше постигнат поблизок консензус околу тоа како да се оствари посакуваното потесно координирање на националните економски политики на земјите. Останаа неодговорени прашањата како: кој треба да ја сочинува таа заедничка „економска влада“? Дали се тоа шефовите на држави и влади на земјите од евро-зоната или од сите членки на ЕУ? Германската канцеларка Ангела Меркел од самиот почеток на преговорите на оваа тема беше за поширокиот круг актери. Францускиот претседател Никола Саркози, пак, беше повеќе за потесниот. На крајот изгледа дека победил ставот на германската канцеларка - како што пишуваат француските весници. Заедничкиот именител меѓу двајцата било што како актери на заедничката економска влада ги гледале шефовите на држави и влади, а не некоја нова, поинаква инстанца. Дека има и такви мненија покажува неодамнешната изјава на претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо, кој порача дека Комисијата веќе ја врши функцијата на „економска влада“ на ЕУ. Барозо додаде дека тоа се случува во соработка со Советот на ЕУ, во кој седат шефовите на држави и влади. Но, во тој случај повторно се поставува прашањето: зошто треба сега да се основа „економска влада“, ако таа веќе постои?

Каква политика ќе се води?

Значи, несогласност постои веќе околу составот и учесниците на т.н. „економска влада“. Уште помалку е јасно до каде треба да оди заедничката економска политика на членките? Никој одговорен политичар на ЕУ не смета со потполно централизирање на економска политика во Унијата. Самата помисла на заедничка даночна политика во евро-зоната е потполно илузорна, бидејќи официјален Лондон би доживеал вистински инфаркт со самото спомнување на таквата идеја.

Сума сумарум, значи, останува само заклучокот дека економската политика на земјите членки треба подобро да се координира отколку досега. Но, европските земји тврдат дека тие тоа веќе го прават. Неверојатно колкави големи очекувања разбуди дискусијата околу т.н. „економска влада“. По самитот во Брисел се чини дека нема ништо да се смени. Само на вратата на некои од седниците во ЕУ ќе биде закачен натписот „економска влада“ и се’ ќе продолжи да функционира како и досега!

Автор на коментарот: Кристоф Хаселбах

Превод: Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска