1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Германија - мојата приказна

Знаење без граници – научни истражувања во Германија

Германија изминатите години направи многу за да стане поатрактивна за странските научници. Меѓу другото, беше реформиран и Законот за странци. Позитивните последици се чувствуваат.

За истражувачите и научниците од странство од никогаш не беше едноставно да добијат ангажман за истражување и работно место во Германија. Тоа важи како за граѓаните на ЕУ, така и за оние од т.н. трети држави, значи земји кои не и‘ припаѓаат ниту на ЕУ ниту на европскиот економски простор. Во меѓувреме, околу осум проценти од сите научни кадри на германските факултети се странци, меѓу нив повеќе од две илјади странски професори.

Привлекување повеќе научници во Германија

Бројот на странските научници на германските факултети, според информациите на Германската академска служба за размена, ДААД, во изминатите години континуирано расте. Додека во 2005. година меѓу Алпите и Северното море живееле околу 20 илјади странски истражувачи, четири години подоцна ги имало веќе 30 илјади. Кон овој пораст, кој се однесува посебно на истражувачите од трети држави, продонесе пред се‘ реформата на германскиот Закон за доселување од 2007. година.

За научниците од трети држави сега е многу полесно добивањето место во истражувачките проекти. Пред донесувањето на овој закон, на научниците им беше потребна дозвола за престој и за работа во Германија. Таа беше индивидуално проверувана во Службата за странци и во Сојузната агенција за труд. Со новиот закон, на научниците сега им е потребна само дозвола за престој во истражувачки цели, што е поврзано со помала бирократска процедура. Предуслов е научникот од странство да има склучен официјален договор за неговите научни истражувања со, за таа цел призната, научна установа во Германија.

Поедноставени услови

Со дозволата за престој во истражувачки цели, научниците во Германија можат како да работат, односно да заработуваат и надвор од универзитетот, како и да предаваат на факултетите. Исфрлена е досегашната одредба според која научниците од странство можат да добијат работна дозвола само ако за местото не биде најден соодветен кандидат од Германија или други земји од ЕУ. Ова правило за многумина научници од странство, од земјите надвор од ЕУ, беше речиси непремостлива пречка.

За да се добие дозвола за престој како истражувач, мора да се има обезбедена егзистенција. Научниците во покраините во западниот дел од Германија треба да располагаат со месечни примања од најмалку 1.750 евра и над 1.500 евра во источните германски покраини, територијата на поранешната ГДР.

Нови можности и за докторантите

Реформирана правна линија околу научноистражувачката дејност важи и за докторантите, кои својата дисертација ја подготвуваат во рамките на истражувачка активност и за неа имаат склучен договор со соодветна призната научна установа.

На научник, кој веќе има дозвола за престој во друга земја на ЕУ според прописите за истражувачка дејност, му се издава виза и дозвола за подолготраен престој за да може да изврши делови од својата истражувачка работа во Германија. Научниците од државите чии граѓани треба да вадат виза за влез во Германија, неа треба да ја побараат во дипломатските претставништва. Дозволата за престој потоа ја издава Службата за странци во општината во Германија надлежна за научноистражувачката установа.

Научниците од странство за време на својот престој во Германија смеат да ги доведат и своите брачни партнери и децата (до 16-годишна возраст), кои го добиваат истиот статус за престој. Тоа значи дека брачниот партнер на еден научник за време на престојот заради вршење истражувачка дејност, исто така има право самиот да работи во Германија, било како вработен некаде или како вршител на самостојна дејност.