1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Змејот и неговото азно

На Западот сѐ уште има големи резерви злато. За судбината на благородниот метал меѓутоа се одлучува на друго место - во Кина, смета колумнистот на ДВ Франк Зирен.

Досега златото се сметаше за метал за кризни времиња. Ако на стопанството му оди лошо, цената на златото расте. Оној кој кратко по избивањето на финансиската криза во 2008 година инвестираше во благородниот метал, можеше да го удвои својот влог за само три години. За тоа не мора да се читаат дебели книги. Колку повеќе стопанството е во криза, толку поубаво златото сјае.

Бидејќи сега на Западот му оди подобро, повторно паѓа цената на златото. Не е ни чудо, велат многумина експерти: Во последните години инвеститорите се одлучуваа пред сѐ за злато, бидејќи стравуваа од инфлација. Таа требаше да настапи, бидејќи емисионите банки ширум светот - пред сѐ во САД - го поплавија пазарот со пари за да го стабилизираат стопанството. Но, тоа повторно застанува на нозе, печатниците за пари работат поспоро, а погледот кон цената на златото отрезнува: За само шест месеци вредноста на балгородниот метал опадна за речиси една третина. Во последните 30 години таа не опаѓала со толкава брзина.

Прашањето е меѓутоа уште колку долго ќе трае ова правило. Имено светот се менува. Многу работи говорат за тоа дека падот на цената на златото е само корекција, а не и долгорочна промена на трендот, како што сметаат повеќе експерти. Имено, оној кој сега полага на намалување на цената на златото, темата ја посматра од премногу западен агол. Тие забораваат еден важен играч: Кина.

Пазарот на злато во Кина

Во моментов никаде не е повисока побарувачката и продажбата на злато. Во 2012 година таму биле искористени околу 830 тони, во 2013 година веќе беа околу 1000 тони. Со тоа една третина од целокупната годишна побарувачка на злато во светот отпаѓа на Кина. Тоа е дури толку многу што змејот за првпат го замени златниот тигар на индискиот субконтинент како најголем увозник на злато.

Притоа Индијците од секогаш „лудувале“ по благородниот метал. Традиционално чеизот за невестата се состои од златен накит и со растот на благосостојбата на Индијците расте побарувачката по благородниот метал. Слично како во Индија - и генерално во Азија - сега тоа се случува и во Кина, но во значително поголеми размери. Економската сила на Кина е околу четири пати поголема отколку на Индија. Особено пред пролетниот фестивал, кинеската Нова Година на крајот на јануари е сезона на накит. И: оној кој добро заработува, купува и второ синџирче. Пред сѐ ако станот му е орпемен со дизејнерски мебел и пред врата е паркиран германски автомобил.

Народот и државата полагаат во злато

Но, не само богатите Кинези, туку и владата полага сѐ повеќе во благородниот метал. Пекинг мора да ги инвестира своите гигантски девизни резерви. Златото така е добредојдено. Бидејќи народот и државата имаат голема побарувачка на злато, Кина мора сѐ повеќе да се служи на пазарот. Уште првиот бран купување се погрижи за тоа цените да не опаднат уште повеќе.

Кина ќе продолжи да купува и ќе се погрижи за тоа цените повторно да се покачат. Слично Кина се однесуваше и пред неколку години, кога светот западна во криза. Тогаш цените на индустриските суровини како бакар и алуминиум беа во слободен пад. Никој повеќе не купуваше. Освен Кинезите. Причината? Тие се придржуваа до едно едноставно правило: Купувај кога цените се поволни. Ефектот беше јасен. Побарувачката порасна и со тоа повторно и цените.

Доколку финансиските гуруа на Западот останат на гледиштето, дека поради заздравеното светско стопанство цената на златото ќе остане ниска, би можеле да доживеат лошо изненадување. Кинескиот пазар без сомнение е доволно голем и динамичен и тука да изврши влијание. Доколку продолжи купувањето како и досега, тогаш со тоа ќе се покачи цената на златото. Предвидување кое самото ќе се исполни. Кина е место каде доаѓа до најголемите физички поместувања на благородниот метал - значи во бари и парички - во историјата на пазарот на злато. Со нивните неконвенционални решенија по економско-политичките прашања Кинезие честопати имаат поточни прогнози отколку старите поучни текстови на западната финансиска елита.

Поврзана содржина