1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Злосторство кое ја крена на нозе Црна Гора

Во петокот во Бар убиени се браќата Дејан и Љубомир Гојачанин. Веста одекна низ Црна Гора и предизвика остри реакции. Илјадници луѓе ширум земјата излегоа на улица, а државата најави поагресивна борба против криминалот.

Будењето на свеста тргна од Бар, родниот град на убиените браќа Гојачанин. Палењето свеќи на градскиот плоштад, организирано преку Фејсбук, во саботата привлече 500 граѓани молчеливо, занемени од силината на злосторството, со својата бројност покажаа дека им е доста од насилство. „Навистина е жално тоа што се случи. Сите сме тука за семејството, ова е важен настан за сите нас, за да го прекинеме насилството во Бар“, изјави една тинејџерка која дојде да запали свеќа и да им оддаде почит на убиените пријатели.

Убиецот и‘ е одамна познат на полицијата

За убиството на Дејан (23) и Љубомир (25) по криењето и мачните преговори со полицијата е уапсен Шќепан Буриќ (21) од Бар. Тој веќе има „дебело“ криминално досие. Обвинуван е за обиди за убиство, подмитување и насилничко однесување, но никогаш не бил осуден. Како што тврдат извори од обвинителството сведоците и жртвите, како според правило, ги менувале исказите во клучни моменти. Кога беше осомничен за двојното убиство, полицијата невешто откри дека тој бил под полициски надзор. Токму таквиот однос на државата кон осомничените криминалци предизвика пркос кај народот и силен импулс за промени.

Еден ден по граѓаните на Бар на улица излегоа и луѓето во Подгорица, Улцињ, Котор, Бјело Поље и Никшиќ...

„Вечерва сме тука да им кажеме доста на криминалот и мафијата во Црна Гора. До кога свирепо ќе ни ја одземаат младината. Тие немаат право на тоа. А посебно немаат право луѓето во државните институции, кои не прават апсолутно ништо, а тоа им е работа, да ги спречат тие криминалци и мафијаши да одземаат млади животи“, порача Марко Новаковиќ, организатор на протестот во главниот град Подгорица.

„Овде сме за да покажеме дека страв завледеа кај народот. Страв ми дека ова сепак е земја на криминалот. Ова можеби е последно предупредување, ако сакаат да воведат правна држава и да го сочуваат мирот и животите на луѓето. Нека размислат што прават“, рече еден од стотиците граѓани на Бјело Поље кои со палење свеќи во центарот на градот се придружија на протестите против насилството.

Порака за надлежните органи имаа и граѓаните на Никшиќ. Тие се собраа точно во 20 часот и 30 минути, односно во истото време во кое беа убиени браќата Гојачанин. „Државата мора да стори нешто а не само да раскажува приказни. Мора да им се зстане на патот на оние кои мислат дека за нив законите не важат“, пораша никшичанецот, Горан Баровиќ.

„Вакво нешто не смее да се повтори“

Незапамтената реакција на народот во Црна Гора, ги натера и одговорните на размислување. Иако убиства се случуваат и во други градови, никогаш претходно првите луѓе на полицијата и на министерството за внатрешни работи не отишле на лице место за да договорат итна ракција со локалните власти, како што направија сега во Бар. Во овој наизглед мирен пристанишен град, дејствуваат неколку криминални кланови на кои органите на прогонот досега не можеа да им застанат на патот.

„Бар навистина е специфична средина. Во овој град имаме дефинирано неколку организирани криминални групи, кои претставуваат сериозен проблем за сигурноста и животот на граѓаните“, вели министерот за внатрешни работи Рашко Коњевиќ и додава: „Ова во Бар повеќе не смее да се повтори. Не смее да се повтори лица кои имаат одредено криминално досие, пореди недоволната ефикасност на државата да можат да извршуваат вакви кривични дела“. Министерот потоа најави засилна борба против криминалот, што го потврди и првиот човек на полицијата Божидар Вуксановиќ: „Ќе бидеме многу агресивни против сите групи, кои можат да го нарушат имиџот на Црна Гора како безбедно место“.

По апсењето, осомничениот Бујиќ го призна убиството. Одреден му е притвор, а на евентуалниот судски процес може да добие максимална казна затвор од 20 години. Со тоа би биле спречени негови можни нови злосторства, но дури откако во петокот одзеде два човечки животи.