1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Златниот Холцдепе

Скок со стап е една од ретките дисциплини, во која германските атлетичари на светските првенства или олимписките игри не успевале да се искачат на врвот. Од синоќа блеска златниот медал на градите на Рафаел Холцдепе.

Финалето во скок со стап го започна само како еден од можните кандидати за освојување медал. 23-годишниот Рафаел Холцдепе (на насловната фотографија) на крајот се вивна во височините до кои досега не стигнал ниту еден германски атлетичар во оваа дисциплина: Стана светски шампион со прескокнати 5.89. Само три успешни скока му беа потребни да го дофати златниот медал. Сите уште во првиот обид на височините од 5.65, 5.82 и 5.89. Во дуелот „еден на еден“ беше поуспешен од главниот фаворит за титулата, Французинот Рено Лавини.

„Пред финалето се чувствував добро и мислев дека можам да освојам медал, иако интимно не верував дека ќе биде златен. Откако го победив Лавини оваа сезона на митингот во Рим, знаев дека тој ќе биде под психолошки притисок. Јас успевав да ги прескокнувам височините уште во првиот обид и постојано бев во предност. Станав нервозен само во пресрет на неговиот последен скок“, беа зборовите на пресреќниот Холцдепе по финалето. Големата своја среќа најнапред ја подели со својот тренер Шонси Џонсон.

Перманентен атлетски растеж

Leichtathletik-WM Moskau Holzdeppe Otto

Рафаел Холцдепе и Бјерн Ото на победничкиот пиедестал

Потеклото на Холцдепе е од Африка, но роден е во Германија, во Кајзерслаутерн. Од мали нозе покажува силен афинитет за спортот, особено за атлетиката. Имаше извонреден период на развој, блесна на јуниорското светско првенство во 2008-та година освојувајќи го златниот медал со јуниорски светски рекорд. Годината ја заврши со трофејот „Млад европски атлетичар на Европа“. Висок е 181 сантиметар, неговиот физикус не е импозантен, но брзината и извонредната техника го водат низ вечната битка со височините. Лани се извиши до 5.91, резултат постигнат на Олимпијадата во Лондон со кој го заслужи бронзениот медал. Споменот на олимпискиот медал останува втиснат на неговата лева надлактица... нацртани петте олимписки кругови и олимпискиот оган, како поттик да лета сѐ повисоко.

Рафаел Холцдепе е најмладиот од исклучителното германско трио на скокачи заедно со Бјерн Ото и Малте Мор. Сите тројца беа дел од московското финале, учествуваа во моментите кога се ковеа одличјата. Ото му се придружи на пиедесталот со бронзениот медал. Но, во вечерта исполнета со атлетска раскош, Рафаел Холцдепе се издигна како еден од највозбудливите протагонисти.